RSS

ИСТОРИСКИ РАЗВОЈ НА ТИПИКОТ

28 Сеп

Ако историјата на Календарот, во поширока смисла на зборот, има значение за историјата на празниците, тогаш историјата на Типикот, како регулатор на богослужбениот живот има значајна улога во хеартологијата.Типикот не само што содржи укази за споменот на одредени денови (како Календар, Месецослов или Пролог), содржи и укази за поделба на самиот богослужбен материјал.

Во историскиот развој на Типикот, научниците разликуваат три периоди: (1), до X век; (2), периодот на X век; и (3), од XI век до денес.

Во историјата на руската литургика за Типикот се посветени неколку важни дела. Како посебни се споменуваат: Богослужбниот Устав на И. Мансвстов; Првобитниот Словено-руски Типик на М. Лисцин; Толкувањето на Типикот од М. Скалабановиц: и Полниот Месецослов од Архиепискот Сергиј (Спаски).

Првиот период на развој на Типикот

Оваа етапа во развојот на Типикот е најтешка за научно истражување затоа што богослужбениот Устав (во денешна смисла на зборот) кој датира од тоа време не е сочуван. Оние манастирски Устави, кој се сочувани, содржат во себе малку литургиски материјал. Правилата на манастирскиот живот, се издвоени и доминираат над црковните служби. Монашки Устави кои можат да ни помогнат да изградиме слика за тогашниот манастирски живот се: (1), Уставот на преподобниот Пахомиј Велики (†348); (2), Големите правила на Св.Василиј Велики (т.н. Монашки правила); (3), Делата на Касијан Римски (Римјанинот) во 12 книги “За уредувањето на општожитието”; (4), Уставот на Св. Бенедикт Нурескиј (†548); (5), Сведочењето на Софрониј Ерусалимски и Јован Мосха во нивната посета на Синајскиот манастир.

Вториот период на развојот на Типикот

Како специфичност на оваа етапа се издвојуваат: обидот на кодификација на богослужбените обичаи и регулирање на богослужењето; освојување на литургискиот дел од дисциплинарниот дел; слаб развој на синаксарниот дел; и отсуство на општиот дел.

Најпознати источници за изучување на овој период се: Начертанието на Студискиот манастир (IX – X век); Уставот на Св. Атанасиј Атонски (X век); Синајскиот календар (крај на IX и почетоко на X век); и Уставот на римската црква од X век.

Третиот период на развојот на Типикот

Ова е период на потполни и развиени уставни богослужења. Она што е карактеристично за овој период е: (1), литургискиот дел е потполно одвоен од дисциплинарниот; (2), потполно е развиен синаксарниот дел; (3), општиот дел, кој содржи напомени за дневно – неделното богослужење исто така е во потполност развиено.

Освен тоа, овој период е карактеристичен во изразито назначената борба на двата главни обрасци на богослужбениот Типик: од една страна тоа е Студискиот, а од друга страна Ерусалимскиот; покрај нив развиени се уште и Светогорскиот Типик и самостојниот Устав на Големата Константинополска Црква. Од големо значење е и обидот на Вселенската Катедра да биде објавен нов Устав, кој ќе биде прилагоден на современите услови на живот.

СТУДИТСКИ УСТАВ

Манастирот при црквата во Цариград за кратко време станува еден од најзначајните во градот; формиран во 463 година од страна на римскиот патрициј Студиј. Неговата близина до значајните научни, политички и општествени случувања во Византија ја објаснуваат неговата положба кој тој ја заземал.

Во периодот на несогласувањата помеѓу патријархот Игнатиј и патријархот Фотиј, Студитското семејство заземало активна улога и се почесто ги решавале прашањата, благодарејќи на својот висок морален авторитет. Царската наклонетост кон овој манастир, му овозможил многу рано да стекне низа на привилегии, како и право на богатство.

Во манастирот многу рано е создаден личен поредок, кој е забележан во првобитната форма на Уставот. Потполниот Устав е запишан покасно, односно, по смртта на преподобниот Теодор Студит, т.е. на почетокот на XI век. Студитскиот Устав бил оној Устав кој со себе го понел Тедосиј Печарски околу 1065 г., но не во својот изворен облик туку како Типик на патријархот Алексеј (1025 – 1043). Патријархот Алексеј бил монах во Студитскиот манастир и најверојатно тој го ширел Уставот. Во 1034 г. го формира манастирот Успение на Пресвета Богородица, а како устав на тој манастир го одредува Студитскиот Устав (со мали измени), или т.н. Алексејев – Студитски Типик.

ЕРУСАЛИМСКИОТ УСТАВ ИЛИ УСТАВОТ НА СВЕТИ САВВА

Овој Типик претставува слика на богослужбениот живот и манастирската традиција во Палестина во време кое може да се окарактеризира како класична епоха. Овој Устав се поврзува со Св. Савва и надалеку познатата Лавра, која е 18 километри оддалечена од Ерусалим, во правец на Мртво Море (во долината на Кедровскиот поток). Овој Типик ја отсликува животот во Лаврата на Св. Савва, како и духот на неговите поуки и предавања. Св. Савва се упокоил во 532 година.

Првобитната редакција на Уставот на Св. Савва била кратка. Во неа преовладувале (како и во сите Устави од тоа време), дисциплинирани правила за монасите. Ако се споредат Студитскиот и Ерусалимскиот Устав, можат да се увидат доста разлики и сличности, но потребно е да се има во предвид начинот на живот во двата манастира. Ако Студитскиот Устав е напишан за потребите на монасите кои живеат во манастирот во внатрешноста на градот под непосреден надзор на игуменот и разредена хиерархиска структура, тогаш во Лавра на Св. Савва и отношелениците живеат во своите келии, а во Големата црква доаѓаат само за причест.

Во Студитскиот Устав: (1), нема повечерие, освен Великиот Канон; (2), нема големо славословие на Утрената; (3), преовладува химнографијата на Студитскиот манастир и спомените на Студитските светители; (4), нема мали Вечерни; (5), нема часови во празниците и неделите; (6), катизмите се мали по обем; (7), секојдневно служење на Литургија на Претхоосветените Дарови; (8), нема т.н. Маркови Глави; (9), богослужбите се пократки.

Во Ерусалимскиот Устав: (1), постои сеноќно бдение; (2), постои Велико славословие; (3), преовладува химнографијата на Саваитските автори; (4), постои мала Вечерна и часови; (5), Литургијата на Претходноосветените Дарови се служи само во среда и петок; (6), постојат т.н. Маркови Глави; и (7) богослужбите се подолги.

Во однос на содржината исто така се разликуваат, тако во Студитскиот Устав ги препознаваме: Триодниот Устав, Синаксарниот Устав, Дисциплинарниот Устав и Општиот дел, додека кај Ерусалимскиот препознааме: Општ дел, Синаксарен дел, Триоден Устав и т.н. Маркови Глави. Освен тоа се разликуваат и по прописите за читање од Апостолите и Евангелијата.

СВЕТОГОРСКИОТ УСТАВ   

Од големо значење е Света Гора (Атон) во доменот на развојот на источното монаштво, а со тоа и со формирањето на богослужбениот Устав. Првобитното монаштво на Света Гора било пустинско, така да од тоа време не можеме да очекуваме трагови од некој Типик. Преподобниот Петар Атонски се подвизува на Света Гора, а неговите современици и следбеници немаат некоја претензија да склопат некаков Устав. Дури во времето на Јован Цимискин и Константин Мономах доаѓа до формирање на Атонскиот Устав, но без литургискиот сегмент.

Кон крајот на X век, на Атон се појавува значајна личност за понатамошниот развој на светогорското монаштво – Св. Атанасиј, кој е творец на правилата и Уставот. Тој со себе во облик на кратки начертанија ја носи основата на Студитскиот Устав, но со извесни дополнувања и преработки. Покрај Студитскиот Устав полека навлегува и Ерусалимскиот, така да во одреден период имаме судир на двата Устава, каде дел од манастирите го прифаќаат првиот, а дел вториот Устав.

УСТАВ НА ГОЛЕМАТА ЦРКВА

Големата Црква, т.н. Света Софија во Константинопол, катедралниот храм на константинополскиот патријарх, бил место на впечатлива литургиска култура и во него богослужбите се извршувале со особена свеченост и голема прецизност. Тој храм има посебен Устав, прилагоден на специфичните услови и улогата на царскиот двор.

Карактеристична особина на овој богослужбен Устав е отсуството на дисциплинарниот дел, што е потполно сфатливо бидејќи се работи за катедрален храм, а не за манастир. Преовладуваат чинови како што се прием на патријархот, на царот, царските влезови во храмот и сл. Во Уставот се сретнуваат и улогата на литиите, а карактеристична е литургијата на Велики Петок. По овој Устав ѓаконите имаат право да вршат проскомидија и потребно е да се нагласи дека Синаксарот му претходи на Триодниот Устав.

ЕВЕРГЕТИДСКИ УСТАВ

Посебно место меѓи Типиците зазема т.н. Евергетидски Устав или Типикот на манастирот Пресвета Богородица Евергетида или Благодетелка. Овој манастир е оформен во 1048 година во близина на Цариград. Овој Устав главен акцент става на поредокот и на служењето на литургијата; за каноните се зборува многу малку. Може да се рече дека овој Устав претставува компилација од различни Устави, а во главно се наоѓа под силно влијание на Уставот на Големата Црква. Во овој Типик се наоѓаат празници како: Обнова на Храмот (13 септември), Стефан Саваит (28 октомври), Обнова на Храмот на великомаченикот Георгиј (3 ноември), Спомен на проподобните Отци кои пострадале при нападот на Лавра на Св. Савва (20 март), Појавување на крстот во Ерусалим (7 мај) – сите овие празници се карактеристика за ерусалимската практика. А од друга страна не се среќаваат празници кои се типична карактеристика за константинополската практика, како што се: Спомен на константинополските патријарси Александар, Јован и Павле (30 август), игумен Маркел (29 декември), Матронс Цариградски (9 ноември) и Празникот на Крстот (1 август).

Овој Устав знае за агрипија (бденија) пред големите празници.

МАРКОВИ ГЛАВИ

Некои Устави и подоцнежните времиња кога празничните спомени се зголемиле и било потребно поврзување на празниците во еден ден, довело до неопходност за одредување на правила кои се однесуваат на комбинациите на празниците.

Во покасните редакции во Типикот овие правила добиваат свое препознатливо име – Маркови Глави или кратеница МРК. Можно е овие правила да потекнуваат од Марко, епископ Отрански (IX – X век), но за тоа нема цврсти докази. Марковите глави поминуваат низ три редакции во грчките текстови: (1), кратка Студитска; (2), кратка Ерусалимска, позајмена од Студитската но со свои особености; и (3), Ерусалимска опширна но многу напомени. Словенската редакција значајно ја дополнила грчката, затоа што во Уставот воведува поврзување на обични спомени со словено – руски, како на пример: Покров на Пресвета Богородица и Св. Петар Московски со Недела на Светите Отци. Во грчката редакција се наоѓаат околу 95 глави, а во словено – руските околу 114.

СУДБИНАТА НА ЦРКОВНИТЕ УСТАВИ ВО СЛОВЕНСКИТЕ ЗЕМЈИ

Во областа на константинополскиот патријарх долго време Студитскиот Устав имал водечка улога, но тој не можел да биде долго време регулатор на богослужбениот живот. Паралелно со него дејствува и Уставот на Големата Црква. Во релативна близина на Цариград и е Света Гора, со својот Устав и нејзиниот авторитет влијалел на богослужбениот живот на Патријархот. Но од големо значење е ширењето на Уставот на Св. Савва и како последица на тоа можеме да ги прифатиме следниве факти: (1), ширење на ерусалимскиот химнографски материјал и ерусалимските спомени; (2), подредување на метоси на Ерусалимската Лавра во Цариград; (3), престојување на ерусалимскиот патријарх во Цариград на Саборите; (4), носење на Уставот на Св. Савва Ерусалимски во манастирот Хиландер од страна на Св. Сава Српски, а од таму во Србија и другите земји на Балканот.

После Четвртиот Крстоносен поход и уништувањето на Цариград од страна на Латините, влијанието на Студитските лаври е намален. Со обновата на Студитскиот манастир во 1293 год. од страна на императорот Константин Палеолог, воведен е Типик кој е мешавина од Студитскиот, Ерусалимскиот и Уставот на Големата Црква.

Во почетокот во Русија било забележано влијанието на Студитскиот Устав, но постепено започнало да му остапува место на Ерусалимскиот Устав. Во Русија постоеле шест редакции на Ерусалимскиот устав: првата била српската редакција, а потоа следуваат другите редакции, како на пример Уставот на Патријархот Алексиј. Воведувањето на Ерусалимскиот Устав во Русија не било административен акт, туку тоа се случува постепено. Големо значење има улогата на митрополитот Кипријан Киевски, кој го воведува Филотевскиот Службеник и значајно работи на тоа да се воведе Ерусалимскиот Типик.

НОВО ИЗДАНИЕ НА УСТАВОТ НА ГОЛЕМАТА ЦРКВА

Недостига и да се спомене за новото издание на Типикот на Големата Црква кои го составиле Грците во XIX век. Од историјата на богослужбениот живот забележано е дека манастирската богослужба преставува своевиден образец; православните христијани во текот на вековите настојувале да го раздвојат парохиското од манастирското богослужење. Како единствен исклучок може да се спомене Уставот на Големата Црква, но сепак тој не може да биде прифатен како Устав на парохиските храмови. Со тек на времето било заклучено дека таму каде што живеат лаици не бил применлив манастирскиот Устав. Тоа резултирало да се создаде некаков среден, полесно исполнив Устав, а и кој е истовремено благообразен, а истотака да одговара на духот на православното аскетско богослужење.

Во 1838 година, протопсалтот на Големата Црква во Цариград се обидува да воспостави т.н. мирски, парохиски Устав. Во 1851 г. се создава второто, а во 1868 година и трето издание кое било дополнето. Тој Типик нема сеноќни бденија, како мала вечерна. Литиите не се вечерните, туку помеѓу полуноќницата и утрената. Уставот има и свои Маркови Глави.

Извор: Кипријан Керн, Евхаристија / Литургика со химнографија и хеортологија

*****************************************************

Љубовта е над секаков Типик

Сестра Васа Ларин: Во старо време, словенскиот Типик се нарекувал поинаку, „Устав“ што буквално значи „Закон“. Но, веќе се претпочита грчкиот збор „Типикон“ кој и денес сè уште останува непреведен – и не без причина. Грчкиот збор „Типикон“, како придавка поставена пред претпоставениот збор „вивлион“ или „книга“, произлегува од зборот „типос“ што значи слика, план, шаблон, модел, пример, образец итн.

Така што насловот „Типик“ би можело да се преведе како Книга на обрасци, за да не се поистовети со задолжителен законски кодекс. Или поинаку речено, Словенскиот Типик по дефиниција ја предвидува разликата меѓу неговата теорија и неговото практикување. Еве како рускиот експерт за Типикот, Михаил Скабаланович, ја сумирал оваа функција на Типикот: „…книгата со таков наслов [Типик] нема намера нејзините најмали детали да ги претвори во закон и со тоа да ја укине слободата на верниците: попрво, таа има намера да даде скица за великолепниот идеал на Литургијата, чијашто красота постојано ќе ги вдахновува сите за неговата реализација, па макар ова и да не е возможно – исто како што е и со остварувањето на секој идеал или со имитирањето на секој величествен образец. Во суштина, ваков е целиот закон Христов…“
Можеби ова објаснува зошто во руската православна традиција постои само еден Типик, ист и за манастирите и за (градските) парохии: инструкциите на Типикот можат со слобода да се применуваат, во согласност со потребите на секоја богослужбена заедница, без оглед дали е монашка или парохијална. На тој начин, Типикот создава широк обем на литургиски можности и, би додала – кога е во рацете на неспособен човек – некои страшни последици.

Извор: Feasting and Fasting According to the Byzantine Typikon, Worship. Collegeville (MN), 2009. Vol. 83.

Свети Николај Охридски: Голема работа е постот, но уште поголема е љубовта. Ако со постот се изгонуваат демоните, се скротуваат страстите, телото се смирува, духот се средува, со љубовта Бог се вселува во човекот. Господ го назначил постот како неопходен, но љубовта ја истакнал како главна заповед. Во првата половина на XIX век во Охрид владеел Џеладин-бег, одметник од султанот и самостоен господар, а со Црквата во тоа време управувал митрополит Калиник. Џеладин-бег и Калиник, иако од разни вери, биле многу добри пријатели и честопати се посетувале еден со друг. Се случило Џеладин-бег да осуди 25 христијани на бесење. На Велики Петок тие требало да бидат обесени. Митрополитот, целиот возбуден заради тој случај, отишол кај Џеладин-бег и почнал да го моли да ја ублажи казната. Додека тие разговарале, дошло времето за ручек и бегот го поканил митрополитот да руча. За ручек било подготвено јагнешко месо. Митрополитот се извинил дека заради постот не може да остане на ручек и се подготвил да излезе. Бегот се натажил и му рекол на митрополитот: „Избери, или ќе јадеш со мене и ќе ги ослободиш 25-те луѓе од бесилката, или нема да јадеш и ќе ги испратиш на бесилка“. Митрополитот се прекрстил и седнал да руча, а Џеладин-бег ги ослободил осудените од смртната казна.

Охридски пролог, 27 јануари

Еднаш Епифаниј, епископот Кипарски, пратил по ава Иларион и вака го молел: дојди да се видиме пред нашата разделба по тело! Кога дошол ава Иларион, тие се израдувале еден на друг. На трпезата била принесена птица и епископот, откако ја зел, му подавал на ава Иларион. Старецот му рекол: прости ми, откако го примив монашкиот образ не јадам ништо заклано. – А јас, пак, рекол Епифаниј, откако примив монашки образ не дозволував некој да заспие, а да има нешто против мене. Старецот рекол: прости ми! Твојата добродетел е поголема од мојата.

Од Старечникот

Митрополит Антониј Блум: Понекогаш се случува и ова: човекот се обидува да пости, потоа се ничкосува и чувствува дека го осквернавил целиот свој пост и дека ништо не останало од неговиот подвиг. Во реалноста, тоа не е во целост така. Бог гледа на него со други очи. Тоа јас можам да го разјаснам со еден пример од сопствениот живот. Кога бев лекар имав обврски кон едно многу сиромашно руско семејство. Не им наплатував затоа што немаше што да се наплати. Но, некаде кон крајот на Великиот пост, во чиј тек јас постев, и доколку може така да се каже, ѕверски, т.е. не нарушувајќи никакви канони, ме поканија на ручек. И како што се покажа, во текот на целиот пост тие собирале пари за да купат мало пиленце и да ме нагостат. Јас го погледнав пилето и во него го видов крајот на мојот посен подвиг. Јас, секако, изедов парче пилешко, не можев да ги налутам. Појдов кај својот духовен отец и му раскажав за тоа каква неволја ми се случила, за тоа дека постев за сето време, може да се каже, совршено, а сега, во Страсната седмица, изедов парче кокошка. Отец Атанасиј ме погледна и рече:

– Знаеш што? Ако Бог те погледнеше и видеше дека кај тебе нема никакви гревови и дека парчето кокошка би можело да те оскверни, Тој би те заштитил од парчето месо. Но, Тој те погледнал и видел дека во тебе има толку огревовеност што никакво коковче тебе повеќе од тоа не може да те осквернави.

Мислам дека мнозина од нас треба да го запомнат овој пример, дека не треба да се држат слепо за типикот, туку, пред сè, да бидат чесни луѓе. Да, јас изедов парче од кокошката, но само заради тоа да не ги огорчам луѓето. Јас не ја изедов како некакво осквернување, туку како дар за човековата љубов. Се сеќавам на едно место во книгите на отец Александар Шмеман каде што тој говори дека на светот нема такво нешто како Божјата љубов. И дури храната што ја јадеме се покажува како Божествена љубов која станала своевидна храна на љубовта…

Извор: Скалила, Скопска православна епархија [превод: м-р Пантелеј Кондратјук] 2015.

http://mistagogia.mk/ljubovta-e-nad-sekakov-tipik/

************************************

 

 
Напишете коментар

Posted by на Септември 28, 2015 во Uncategorized

 

Ознаки: , ,

Коментарите се затворени.