RSS

СВЕТО ПИСМО – СТАР ЗАВЕТ (4)

17 Мај

18. Неемија

 Оваа книга содржи лични записи кои би можеле да се сметаат како лични мемоари на Неемија. Неемија бил современик на Ездра и значаен чиновник на императорот на Персија со задача да се врати во Ерусалим за обнова на неговата татковина.

19. Товит

Книгата Товит е расказ за едно семејство. Товит е побожен Јудеец кој ослепува; неговата роднина има ќерка Сара која ја опседнала Сатаната. И двајцата се молат за смрт. Бог го испраќа својот гласник Рафаил, кој им приредил голема радост и утеха.

20. Јудита

Книгата ја возвеличува јудејската религија и родољубие. Религијата е толку национална, законска и практична што всушност се изедначува со самиот живот на народот. Јудита е симбол на јудејскиот народ, беден и осиромашен, кој доаѓа во судир со својот непријател.

21. Естира

Книгата раскажува за една јудејска заедница која успеала да се ослободи од заканите за истребување. Овде, точно определениот ден за истребување на Јудејците се претвара во ден на пораз за нивните непријатели. Во спомен на ова среќно избавување на еврејскиот народ е востановен празникот Пурим, прославуван напролет пред Пасха.

22. Прва книга Макавејска

По смртта на Александар Македонски, неговите генерали ја поделиле власта. Палестина најнапред потпаднала под власта на египетските Птолемеиди, до 197 г., а подоцна под арамејските Селевкиди. Најтешкиот период започнува со насилната елинизација на Антиох IV Епифан, со што предизвикал народен отпор под водство на свештеникот Мататија и неговите пет сина, од кои најистакнат бил Јуда со прекар Макавеј.

Основна содржина на овие книги го изразува судирот помеѓу два света, два различни менталитета: јудејскиот и елинистичкиот. Првата книга има изразито религиозна цел да се утешат и охрабрат Јудејците; да бидат ревносни за зачувување на чистотата на верата, чување на Заветот, светоста на храмот и богобојазливоста, како и верноста кон Заветот.

23. Втора книга Макавејска

Оваа книга, покрај книгата мудрост Соломонова, е најдобар сведок на јудејската вера и побожност, на прагот на христијанската ера. Писателот е анонимен, најверојатно Јудеец, кој живеел надвор од Палестина, со елинистичко образование.

Поуки / Мисли:

***** Да се задлабочиш во суштината и да ги истражуваш сите извори, да ги иследуваш сите поединости – тоа е својствено на вистински историчар.

24. Трета книга Макавејска

Во оваа книга се истакнува библиската вера на Евреите како избран народ и неговата верност спрема Бога, Храмот и Законот.

Поуки / Мисли:

***** Дај ни сила на нас паднатите да можеме да те прославуваме, дај ни нам, духовно паднатите и огорчените, во срцето мир.

———————————————————————————————————-

Поуки / Мисли:

***** Да се задлабочиш во суштината и да ги истражуваш сите извори, да ги иследуваш сите поединости – тоа е својствено на вистински историчар.

***** Дај ни сила на нас паднатите да можеме да те прославуваме, дај ни нам, духовно паднатите и огорчените, во срцето мир.

 
Напишете коментар

Posted by на Мај 17, 2015 во Uncategorized

 

Ознаки: ,

Коментарите се затворени.