RSS

БИБЛИЈА – ОБИЧНА КНИГА ИЛИ НАВИСТИНА СВЕТО ПИСМО?

30 Апр

.

Светото Писмо, наречено уште и Библија се состои од вкупно 77 книги од кои 50 припаѓаат на Стариот, а 27 на Новиот Завет. Покрај тоа што таа е богослужбена книга, таа претставува и историски документ кој сведочи за луѓето и народите од почетокот на историјата. Самиот назив на Библијата (грч. „Книга“) низ историјата бил различен: Зборник, Канон, Книга на Заветот, Вивлија… и сите означувале нешто утврдено, универзално и спасително. Самата историја на Библијата, а воопшто и првата писменост на Евреите, како запис започнува од Мојсеј, старозаветниот Божји угодник. Не значи дека претходно луѓето биле неписмени, но една од карактеристиките на еврејскиот народ била таа дека религијата била вметната во сите сегменти на нивниот живот.

Светото Писмо се дели на Стар Завет (историјата пред Господ Исус Христос) и Нов Завет (историјата на Црквата за време и после Господ Исус Христос). Всушност и сите пророци претходно, пророкувале за доаѓањето на Господ Исус Христос и спасувањето на човечкиот род, па затоа Стариот Завет се смета како праслика и потврдено сведоштво на Новиот Завет. Во целото Свето Писмо се зборува за љубовта Божја кон човечкиот род и за Неговата икономија како да го спаси. Со постапното создавање на светот и на сè што е во него, Бог создал прекрасни услови на убавина, мир и љубов за човекот да може да живее и да се насладува од Божјите плодови на љубовта, и на крај го создал и него – Адам по лика и прилика (образ и подобие) Божја. Но сепак, за да не му ја наруши слободната волја, Тој иако знаел дека ќе биде повреден,откако му создал жена (Ева), го оставил човекот сам да избира дали ќе го сака Бога или не. Заповедта била многу јасна и едноставна: да не јадат од забранетиот плод, „од дрвото за познавањето на доброто и злото“ (1Мој. 2, 17).

Ние веруваме дека Библијата претставува доследна целина. Таа е наедно божествено вдахновена и човечки изразена. Таа е авторитетно сведоштво на Божјото Откровение на Самиот Себе – во создавањето, во воплотувањето на Словото и целата историја на спасението. Таа го изразува Божјиот збор на човечки јазик. Знаеме дека, примањето и толкувањето на Библијата е преку Црквата и во Црквата. Нашиот пристап кон Библијата е едно послушание. Исто така, од голема важност е и начинот на кој се чита Библијата. Може да разликуваме четири аспекти кои обележуваат православно читање на Библијата. Нашето читање треба да биде: послушно, црковно, во Црквата, христоцентрично и лично. Православната Црква верува дека Библијата е со Божјо вдахновение, дека е Писмо од Бога, каде што Самиот Христос зборува. Библијата содржи авторитетни сведоштва од Бога за Самиот Себе. Тие го изразуваат Божјиот збор на нашиот човечки јазик. Таа претставува цела библиотека од различни книги, напишани во различни времиња од посебни личности. Секоја книга во Библијата го одразува изгледот на времето во кое што е напишана и особеното гледиште на авторот. За Бога ништо не е скриено, Божјата благодат соработува со човечката слобода. Бог не ја укинува нашата индивидуалност, туку ја зголемува. Така е пишувана Библијата. Авторите не беа само пасивни инструменти, или диктирана машина која може само да запишува некоја порака. Секој автор на Библијата и подарува свој личен дар. Покрај божествениот облик, во Библијата има и човечки елементи. Ние ги вреднуваме и двете.

Како што во Стариот Завет, беа: Мојсеј, Давид, Соломон, прорците и сите други, така и новозаветните евангелисти имаа свој поединечен пристап кон Евангелијата. Светиот апостол Матеј ни раскажува особено за еврејското разбирање на нашиот Господ Исус Христос, проткаено низ Неговото живеење на земјата, проповедтта, распнувањето, воскреснувањето и вознесението, а особено со посебен акцент за здобивање на Царството Небесно и вечниот живот.  Во Евангелието, според светиот апостол Марко се гледаат специфични сликовити детали за Христовата свештеничка служба и сè она што е поврзано околу неа, а уникатноста се гледа во тоа што не се дадени на друго место. Светиот апостол и Евангелист Лука ја изразува универзалната Христова љубов, Неговата сеопфатна сострадателност која се протега и на Евреите и на многубошците и незнабошците. Во евангелието според св. ап. Јован  Богослов има повнатрешен и помистички пристап кон Христа, со нагласување на Божествената светлина и божественото битие. Ние целосно треба да се приклучиме и да ја истражуваме оваа животодавна и спасоносна разновидност во Библијата.

Бидејќи Библијата на овој начин ги изразува Божјите зборови на човечки јазик. Тука има простор за искрено и правилно испитување кога се трудиме да ја проучуваме Библијата. Истражувајќи го човечкиот облик во Библијата, целосно ќе го употребиме нашиот богодаден човечки ум. Православната Црква не го отфрлила  школското истражување на потеклото, времето и авторството во Библијата.

Покрај овој човечки елемент, ние секогаш го гледаме Божјиот елемент. Тие не се обични книги, напишани од посебни писатели. Ние во Библијата слушаме не само човечки зборови – помалку или повеќе вешто напишани , туку го слушаме и вечното, несоздаденото слово на Самиот Бог, божествениот збор на спасението. Кога пристапуваме кон Библијата тоа не го правиме од љубопитност,само за добивање информации. Ние кон Библијата пристапувамесо посебни, лични прашања за себе: „Како можам да се спасам?“

Како божествен збор за спасението на човечкиот јазик, Библијата во нас треба да предизвика восхит. Дали сте почувствувале дека, кога ја читате или слушате, таа станува поблиска, или веќе ви здосадила?

Ние постојано треба да ги чистиме вратите на нашето восприемање им со восхит да гледаме со нови очи на тоа што Господ го кажал пред нас.

Ние треба да бидеме внимателни кон Библијата со чувство на восхит, надеж и љубов. Има многу врати во Библијата низ кои треба да поминеме. Таму постои многу длабочина и величественост кои треба да ги откриеме. Ако послушанието значи чудење, тоа исто така, означува и слушање.

Ние сме подобри на зборување отколку на слушање. Ние го слушаме звукот на сопствениот глас, но често не застануваме да го чуеме гласот на другиот што ни зборува. Прва потреба кога пристапуваме кон Библијата е да престанеме да зборуваме се друго и да слушаме – да слушаме со послушност.

Поради неправилниот пристап кон Библијата се појавиле многу ереси, за жал многу луѓе заблудени од својата гордост се одрекле од спасението.

Стариот Завет се дели на Законски книги, Историски, Поучни и Пророчки. Законските книги се Тората, или, Мојсеевото Петокнижие, каде се содржи законот за оние кои веруваат во Бога и конкретно, теократскиот закон за функционирање на древната Еврејска Држава. Потоа, Историски се книгите кои продолжуваат да ја раскажуваат историјата од смртта на Мојсеј, односно влегувањето во Светата Земја, па сè до Вавилонското Ропство. Додека Поучните Книги содржат морални совети за правилно живеење, во Пророчките Книги се среќаваат делувањата на Пророците кои го навестуваат Спасителот. Тие често ревносно ги укоруваат сите кои одат против законот Божји. Овие истовремено содржат записи за историските околности во нивно време. Но сега ќе се осврнеме на секој дел посебно.

За адамовиот гревопад се зборува во Првата Книга Мојсеева. Во почетокот, пророкот, подробно и многу јасно ни зборува за создавањето на светот и паѓањето на Адама.

Самото протоевангелие му го дал Бог на човекот кое гласи: „И ставам непријателство помеѓу тебе и жената и меѓу родот твој и породот нејзин. Он ќе ти ја гази главата а ти ќе го каснуваш во петата“ (1Мој. 3, 15). Имено, кога човекот отпаднал од Бога и го скршил тоа огледало на Бог Света Троица (умот, волјата и чувствата), Тој не го оставил, туку повторно му дал надеж и упатување за спасение. Со паѓањето на човекот во грев, неговите духовни очи биле толку помрачени, што Бог требало прво да го подготви народот, а потоа повторно да му се открие и да го воведе во неговата првобитна состојба.

Првата Книга Мојсеева е уште наречена и Битие. Таа продолжува со историјата сè до раѓањето на Мојсеја. Оваа Книга е една од најважните, пред сè поради големиот историски опсег, а и поради многу важните завети кои се случуваат. Бог не даде на луѓето само два завети, но најпрвин му се завети на Ное, после потопот, а потоа го склучи заветот со Авраама. Авраам го носи законот на срцето и силата на верата, тој е праобраз на сите Христијани и е наречен Татко на сите народи. По неговата вера живееа Израилците додека не дојде Мојсеј, кому Бог му го даде законот на камен, односно пишаниот закон.

Исход, Втората Книга Мојсеева, детално го опишува излегувањето на Израилците од Мисирските предели (Египет), и нивното упатување во Светата, која е Ветена Земја. Но поради многу случки на доказ на нивното неверие, Бог ги казнува на четириесет годишно лутање низ пустината, додека целата генерација не умре, за да не ја види Ветената Земја.

На гората Синај, Бог, му го дава Законот на Мојсеј на камени плочи, напишани со Негов прст. Потоа усно му зборува за сите подробности.

За законите околу свештенодејствијата и свештениците се зборува во Левитската, Трета Книга Мојсеева.

Четвртата Книга Мојсеева е Броеви. Овде пророкот го дава списокот на племињата и нивниот број, кога се оформува војската и се вршат подготовките за влегување во Светата Земја.

Во Петтата Книга, се Повторените Закони. Мојсеј, пред својата смрт, уште еднаш ги собира израилците и им говори за Законот. Им напомнува сè по ред за да се сеќаваат на она што го кажал Бог. Оваа книга, најверојатно е завршена од Исус Навин, бидејќи на крајот ја опишува смртта Мојсеева.

Во Историската група на книги е содржано влегувањето и управувањето со Светата Земја. Во почетокот, се постравувани т.н. Судии, кои го воделе народот, но подоцна Бог, по нивно барање, им дава Цар. Потоа следуваат книги кои раскажуваат лични животни приказни.

Поучните книги се состојат од Псалмите, Мудростите Сирахови и Соломонови, заедно со Соломоновите Мудри Изреки и книгата Јов. Јов е праведник, кој и покрај сите искушенија не се откажал од Бога, бил богато награден.

Пророчките книги се дела на самите пророци, кои го раскажуваат својот живот и дејствување во народот, заедно со сè она што им го открил Бог да го пренесат. Пророците најмногу зборуваат за Христа и неговото доаѓање, учење, страдање, смрт и воскресение. Кај секој пророк се содржи дел од Христовиот живот. Највпечатлив е пророкот Исаија, наречен и Старозаветен Евангелист, кој ги опишува страдањата Христови како да бил присутен, иако живеел цели 1000 години порано.

Општо земено, Стариот Завет е праслика на Новиот. Кога би се имало време, би можеле буквално секој дел од Новиот Завет да го најдеме во Стариот, бидејќи тој е сенката на Новиот, а Новиот е исполнување на Стариот.

Новиот Завет започнува со Раѓањето на нашиот Спасител, Господ Исус Христос.

За Неговиот живот на земјата постојат четири канонски Евангелија кои се потврдени за точни од самите Апостоли, и покрај постоењето на некои лажни еретички евангелија, кои ги вметнувале своите отрови. Четирите Евангелија се напишани од светите Апостоли Матеј, Марко, Лука и Јован. За нивниот пристап кон Спасителовото учење веќе говоревме погоре.

Во четирите евангелија покрај многуте сличности, постојат и  некои разлики кои потврдуваат дека апостолите иако биле од Бога вдахновени, сепак на свој начин го искажувале Божјото слово. Особено слични се евангелијата според св. ап. Матеј, Марко и Лука кои уште се нарекуваат синоптички и зборуваат повеќе за човечката природа на Господ Исус Христос поради тоа што биле пишувани до луѓе на кои им било потрбно докажување дека Тој е пророкуваниот Месија. Евангелието според св. ап. Јован Богослов е различно поради тоа што тој веќе ги имал трите Евангелија, па повеќе обрнал внимание на божествената природа на Господ Исус Христос и поради тоа негово возвишено пишување и гледање во иконографијата се слика како сокол. Тој и св. ап. Матеј биле од дванаесетте, а апостолите Марко и Лука биле ученици на св. ап. Петар и Павле. Во Евангелијата кратко е опфатен целиот живот на Господ Исус Христос и на безбројните чуда и поуки кои тој ги извршил меѓу луѓето.

Како што во Стариот Завет книгите се делат на законски, историски, поучни и пророчки, така и во Новиот Завет законски книги се Евангелијата, историски – Делата на светите Апостоли, поучни Посланијата, и пророчко е Откровението на светиот Јован Богослов. Од Делата Апостолски се гледа за развитокот и историјата на Црквата од нејзиното основање од самиот Спасител, па низ периодите на гонење и макотрпна борба со Евреите, незнабошците, еретиците… Но покажувајќи се како добри пастири апостолите откако ги примиле сите во спасоносната арка на Црквата ги утврдувале во верата и утешувале со посланици.

Откровението на светиот апостол Јован Богослов, добиено на островот Патмос е последната книга од Светото Писмо. Тоа е видението на апостолот за последните времиња. Оваа книга ни го прикажува доаѓањето на Антихристот, крајот на светот и Последниот суд над народите. Овде уште се открива и есхатонот, т.е. животот на луѓето по Судот, вечното блаженство и вечното проклетство.

Од веќе разгледаното, ние не ја познаваме Библијата како обична книга, но како извор на Живот и Спасение. Тоа е Книга која изобилува со спасоносни мисли и ги упатува Христијаните кон својот Спасител. Еден свет отец рекол дека луѓето не можат да измислат толку прашања, колку што во Светото Писмо може да се најдат одговори. Светото Писмо е пристаниште за секоја душа и читањето со правилно толкување на верните им носи голема благодат. Покрај големата важност на Библијата во Црквата, таа е призната и ценета и во многу други кругови, културни и научни. На писателите им е инспирација, на научниците извор, а на верните – спасение.

Емилијан Зелнички 
Студент на Православниот Богословски Факултет
Св Климент Охридски – Скопје

 
Напишете коментар

Posted by на Април 30, 2015 во Uncategorized

 

Ознаки: ,

Коментарите се затворени.