RSS

СВЕТО ПИСМО – СТАР ЗАВЕТ (2)

07 Мај

6. Исус Навин

Книгата Исус Навин го прикажува освојувањето на хананската земја и населувањето на израилските племиња во неа под водство на Исус Навин. Во оваа книга може да се разграничат три позначајни целини: (1), освојувањето на Ханан; (2), поделбата на земјата; и (3), крајот на исусовиот живот.

Поради опасноста од неверие, Исус свечено ќе го обнови сојузот, односно заветот при собирот во Сихем. Со тој настан завршува книгата.

***** Победа на Исус Навин над петмината цареви: Ерусалимскиот, Хевронскиот,  Јармутскиот, Лахишкиот и Еглонскиот цар ***** Биле поразени вкупно 31 цар до крајот. Освоени земјите на Хитијците, Аморејците, Хананците, Перизијците, Евејците и Евусијците ***** По смртта на Исус Навин, израилските синови 18 години се во рацете на моавскиот цар Еглон.

7. Судии Израилеви

Собитијата на оваа книга се однесуваат на еден период полн со немири, кој трае од вселувањето на Израилците во Ханан, па до воспоставувањето на царството и царската власт. Централниот дел на оваа книга ги прикажува подвизите на еден одреден број судии и нивните овластувања.

Книгата е составена од три основни дела: (1), од настаните од доселувањето во Ханан до смртта на Исус Навин; (2), Бог го ослободува својот народ, одбирајќи луѓе кои конкрентно го остваруваат тоа ослободување; и (3), донесува две епизоди со кои се истакнува безаконието кое владее меѓу израилските племиња.

***** Самсон и Дарила ***** Одмаздувачка војна помеѓу Израилците и Венијамовото племе *****

8. Рута

Главен акцент во книгата е ставен на Моавката Рута кон семејството на нејзиниот маж. Раѓањето на синот на Рута е кулминациска точка на делото; тоа дете е идниот дедо на цар Давид.

9. Прва книга Царства (според еврејската Библија: Прва книга Самоилова)

Израилскиот народ не е повеќе задоволен од интервенциите на судиите и тежнее кон институција со многу поредовна политичка власт. Последниот судија пророкот Самоил го прогласува Саул за цар и со него започнува периодот на царствата. Набрзо Саул се впушта во безаконие и власта ја превзема младиот Давид по смртта на Саул и неговите синови. Оваа книга опоменува дека единствено Бог може да биде вистински цар над луѓето.

***** Мир на тебе, мир на твојот дом, мир на се што е твое! *****

Похвалната песна на Ана.

1. И се молеше Ана и велеше: „Ми се зарадува срцето мое во Господа; се воздигна рогот мој преку мојот Бог; широко се отвори устата моја против моите непријатели, зашто се радувам поради спасението од Тебе.

2. Никој не е така свет како Господ; зашто нема друг, освен Тебе; и нема тврдина како нашиот Бог.

3. Не продолжувајте да говорите гордо; зборови охоли да не излегуваат од устата ваша; зашто Господ е Бог на знењето, и делата Негови се обмислени.

4. Лакот на силните се прекршува, а слабите со сила се здобиваат;

5. ситите работат за леб, а гладните почиваат; дури неплодната раѓа седумпати, а многудетната изнемоштува.

6. Господ умртвува и оживува, кутнува наземи и крева;

7. Господ го прави човекот сиромав и богат, го понижува и го воздига.

8. Од прав го подига бедниот, од кал го крева сиромавиот, ставајќи го да седне со големците, и им го дава во наследство престолот на славата; зашто во Господа се основите на земјава, и Он врз нив ја утврди вселената.

9. Ги услишува молитвите на молителот и ги благословува деновите на праведникот, зашто не преку сила човекот е јак.

10. Господ ќе ги сотре оние што се препираат со Него; од небесата ќе згрми на нив. Господ е свет. Да не се фали мудриот со мудроста своја, да не се фали силниот со силата своја, да не се фали богатиот со богатството свое, туку секој, кој сака да се фали, нека се фали дека Го разбира и Го знае Господа. Господ ќе ги суди краиштата на земјата, ќе му даде сила на Својот цар и ќе го воздигне рогот на помазаникот Свој.”

 

10. Втора книга Царства (Втора книга Самоилова)

Втората книга ни го покажува величието и моќта на Давид, но не ги прекрива ни неговите слабости, ниту ги премолчува трагичните настани на неговото семејство. Давид се појавува во наполна човечка светлина, кој знае да ги согледа своите претпоставки и да побара прошка од Бога.

Поуки / Мисли:

***** Оној што господари со луѓето, нека биде праведен, да господари со страхопочит кон Бога ***** Со милоствивиот – милостиво, со искрениот – искрено, со чистиот – чисто, со лукавиот – според лукавоста негова *****

 

Давидовата благодарствена песна поради спасение од непријателите свои.

 

  1. И Давид испеа песна за Господа во денот, кога Господ го спаси од раката на сите непријатели негови и од раката на Саула, велејќи:
    2. „Господ е мојата тврдина, моја крепост и мој спасител.
    3. Мојот Бог е моја карпа; на Него се надевам; мој штит, рог на моето спасение, моја заштита и мое прибежиште; Спасителе мој, Ти ме спаси од непријатели.
    4. Ќе го призовам сефалениот Господ и од непријателите мои ќе се спасам.
    5. Бранови на смртта ме прегрнаа, и потоци од беззаконија ме исплашија;
    6. веригите на пеколот ме обвиткаа, и стапици на смртта ме обмотаа.
    7. Но во притеснувањето свое го призвав Господа и повикав кон мојот Бог, и Он го чу од Својот свет дворец гласот мој, и повикот мој стигна до ушите Негови.
    8. Се затресе, се разниша земјата, затреперија и се поместија основите небески, зашто се разгневи Господ на нив.
    9. Се крена дим од гневот Негов, и уривачки оган од устата Негова; жив јаглен се сипеше од Него.
    10. Он ги наведна небесата и слезе; и мрак беше под нозете Негови;
    11. седна на херувимите, летна и се понесе на ветрови крила;
    12. и со мрак се покри како со шатор, згуснувајќи ги водите на облаците небески;
    13. од болскотот пред Него се усвитуваа огнени јаглени.
    14. Загрме Господ од небесата, и Севишниот го пушти Својот глас;
    15. пушти стрели свои и ги распрсна; болсна со секавица и ги истреби.
    16. Се открија изворите морски, се покажаа основите на вселената од страшниот глас на Господа, од дувањето на духот на Неговиот гнев.
    17. Он подаде рака од височините, ме фати и ме извлече од големите води;
    18. Ме спаси од силниот непријател мој, од оние, што ме мразеа, што беа посилни од мене.
    19. Тие станаа против мене во денот на мојата неволја; но Господ ми беше потслон,
    20. и ме изведе на широко место, ме спаси, зашто Он благоволи кон мене.
    21. Ми воздаде Господ според мојата правда, ме награди според чистотата на рацете мои.
    22. Зашто јас ги пазев патиштата Господови и не бев нечестив пред мојот Бог,
    23. бидејќи сите заповеди Негови се пред мене, и од заповедите Негови не отстапував,
    24. бев непорочен пред Него и внимавав да не згрешам.
    25. И Господ ми воздаде според мојата правда, според чистотата моја пред Неговите очи.
    26. Со милостивиот Ти постапуваш милостиво, со искрениот маж, – искрено,
    27. со чистиот – чисто, а со лукавиот – според лукавството негово.
    28. Ти ги спасуваш угнетените и со погледот Свој ги уништуваш горделивите.
    29. Ти си Господ, светило мое; Господ ја просветлува мојата темнина.
    30. Со Тебе победувам војска; со мојот Бог прескокнувам ѕид.
    31. Бог! непорочен е Неговиот пат, чисто е словото Негово; Он е штит за сите, што се надеваат на Него,
    32. зашто, кој е Бог, освен Господа, и кој е сила, освен нашиот Бог?
    33. Бог ме препаша со сила, ми подготвува чист пат.
    34. Ми ги прави нозете како на елен, и ме поставува на висини;
    35. ги учи рацете мои на борба, и ги напрегнува мускулите мои како бакарен лак.
    36. Ти ми го даваш штитот на Твоето спасение, и Твојата милост ме возвеличува.
    37. Ти ги зголемуваш чекорите мои под мене, и моите нозе не се нишаат.
    38. Јас ги гонам непријателите мои и ги истребувам, и не се враќам додека не ги уништам;
    39. ги истребувам и ги поразувам, и тие не стануваат, а паѓаат под нозете мои.
    40. Ти ме препашуваш со сила за бој и ги кутнуваш пред мене оние што станале против мене;
    41. Ти го свртуваш кон мене грбот на моите непријатели, и јас ги истребувам оние, што ме мразат.
    42. Тие викаат, но нема кој да ги спаси, – кон Господа, но Он не ги слуша.
    43. Ги тријам како прав земен, како улична кал ги размачкувам и ги газам.
    44. Ти ме спаси од побуната на мојот народ; Ти ме зачува, за да бидам глава над другородците; народ, што не го познавав, ми слугува.
    45. Другородците ми ласкаат; штом ќе чујат за мене, ми се покоруваат.
    46. Другородците бледнеат и треперат во своите тврдини.
    47. Жив е Господ и благословен е мојот заштитник! Нека се превознесува Бог, прибежиштето на моето спасение,
    48. Бог, Кој одмаздува за мене, Кој ми ги покорува народите
    49. и Кој ме спасува од непријателите мои! Над оние, што стануваа против мене, Ти ме воздигна; Ти ме избави од жестокиот човек.
    50. Затоа ќе Те прославувам Тебе, Господи, меѓу незнабошците и ќе го воспевам името Твое. –
    51. Тебе, Кој славно го спасуваш Својот цар и му правиш милост на помазаникот Свој Давида и на потомството негово засекогаш.”

 

11. Трета книга Царства (Прва книга за царевите)

Во третата книга се прикажува владеењето на Соломон и неговите први наследници. Посебен печат на неговото владеење е изградбата на храмот и царската палата. Соломон го завршува својот живот во неверност и идолопоклонство. Царството се дели на два дела; двете царства Јудеја и Израил ќе опстојуваат едно покрај друго. Многумина од пророците се појавуваат во разни моменти за да ги опоменат и потсетат царевите за барањата на Бог. Најзначајниот меѓу нив е Илија.

Поуки / Мисли:

***** Разумно срце и мудрост ***** Чисто срце и правина ***** Доста е веќе, Господи, прибери ја душата моја, бидејќи јас не сум подобар од предците свои (Илија) ***** Здив од тих ветер – таму е Господ

Соломоновата молитва:

 

  1. Тогаш застана Соломон пред жртвеникот Господов, пред целото собрание на Израилците, ги крена рацете кон небото
    23. и рече: „Господи, Боже Израилев! Нема Бог како Тебе ниту на небото горе, ниту на земјата долу; ти го пазиш заветот и милоста кон слугите Свои, кои одат пред Тебе од сè срце.
    24. Ти го исполни на Својот слуга Давида, мојот татко, она, што му го беше ветил; она што
    го беше изрекол со устата Своја, денес го изврши со раката Своја.
    25. И сега, Господи, Боже Израилев, исполни го на Својот слуга Давид, мојот татко, она што му го беше говорел, велејќи: »Пред лицето мое нема да престане да излегува од тебе маж, кој седи на Израилевиот престол; доволно е само синовите твои да се држат за патот свој, одејќи пред Мене така, како што ти одеше пред Мене.«
    26. И сега, Боже Израилев, нека биде верно словото Твое, што си му го рекол на Својот слуга Давида, мојот татко!
    27. Но зар Бог ќе сака да живее на земјата! Небото и небото на небесата не Те собираат, а уште помалку овој храм, што сум го изградил јас на Твоето име;
    28. но погледни милостиво кон молитвата на Твојот слуга и кон молбата негова, Господи, Боже мој! Чуј го повикот и молитвата со која Твојот слуга Те моли денес.
    29. Да бидат очите Твои отворени кон тој храм дење и ноќе, кон ова место, за кое си рекол: името Мое ќе биде таму; чуј ја молитвата, со која ќе се моли Твојот слуга на тоа место.
    30. Чуј ја молбата на Твојот слуга и на Твојот народ Израилот, кога тие ќе се молат на ова место; чуј од местото на Твоето живеалиште, од небесата, чуј и смилувај се.
    31. Кога некој ќе згреши против ближниот свој, и ќе побара од него клетва, за да се заколне, и заради клетвата ќе дојдат пред Твојот жртвеник во овој храм,
    32. тогаш чуј од небото и изврши суд над Своите слуги, обвини го виновниот, стоварувајќи му ја врз главата негова постапката негова, и оправдај го правиот, давајќи му според правдата негова.
    33. Кога Твојот народ Израилот ќе биде поразен од непријателите, поради тоа што згрешил пред Тебе, и кога тие ќе се обрнат кон Тебе и ќе го исповедаат името Твое и Те бараат и Те молат во овој храм, –
    34. чуј тогаш од небото и прости му го гревот на Твојот народ Израилот, и врати ги во земјата, што си им ја дал на татковците нивни.
    35. Кога ќе се заклучи небото и ќе нема дожд, поради тоа што ќе згрешат пред Тебе, ќе го исповедаат името Твое и се свртат од гревот свој, бидејќи се ги смирил, –
    36. чуј тогаш од небото и прости им го гревот на Своите слуги и на Својот народ Израилски, покажувајќи им го добриот пат, по кој да одат, и испрати дожд врз Твојата земја, што си му ја дал на народот Свој во наследство.
    37. Глад ли ќе настане по земјата, или помор, огнен ветар ли, гламја, скакулци, или гасеници, непријателот ли ќе го притисне во земјата негова, некаква неволја ли ќе се појави, или болест, –
    38. при секоја молитва, при секоја молба што доаѓа од кој и да било човек од сиот Твој народ Израилски, кога ќе почувствуваат болка во срцето свое и ќе ги подадат рацете кон овој храм,
    39. чуј од небото, од местото на Твоето живеалиште, и смилувај се; направи и воздај секому според патиштата негови, како што го гледаш срцето негово, бидејќи само Ти ги познаваш срцата на сите човечки синови:
    40. за да се плашат од Тебе во сите дни, додека живеат на земјата, што си им ја дал на татковците нивни.
    41. Ако и некој другородец, кој не е од Твојот народ Израилот, дојде од далечна земја заради Твоето име, –
    42. зашто ќе чујат за Твоето големо име, за Твојата силна рака и за Твојата крената мишка, – дојде и се помоли во овој храм,
    43. чуј од небото, од местото на Своето живеалиште, и направи сè, за што другородецот Те повика, та сите земни народи да го знаат Твоето име, за да се бојат од Тебе, како Твојот народ Израилот, да знаат дека овој храм, што го изградив јас, е наречен на Твое име.
    44. Кога Твојот народ излезе од војна против својот напријател по патот, по кој ќе го
    испратиш, и му се помоли на Господа, обрнувајќи се кон градот, што Ти си го избрал, и кон храмот, што го изградив на Твоето име,
    45. тогаш чуј ја од небото молитвата нивна и молбата нивна и направи го она, што им е потребно ним.
    46. Кога ќе згрешат пред Тебе, – зашто нема човек што да не греши, – и Ти ќе им се разгневиш и ќе ги предадеш на непријателите, и оние, што ги плениле, ги одведат во непријателска земја, далечна или блиска;
    47. и кога во земјата, каде што ќе бидат во пленство, дојдат на себеси и се обрнат кон Тебе и Ти се помолат во земјата на оние, што ги плениле, велејќи: „Згрешивме, извршивме беззаконие, виновни сме;
    48. и кога ќе се обрнат кон Тебе од сето срце свое и од сета душа своја во земјата на непријателите, што ги плениле, и ти се помолат, обрнувајќи се кон својата земја, што си им ја дал на татковците нивни, кон градот, што си го избрал, и кон храмот, што го изградиле на Твое име, –
    49. тогаш чуј ја од небото, од местото на Твоето живеалиште, молитвата и молбата нивна, и направи што им е ним потребно;
    50. и прости му на Твојот народ, за она што згрешил пред Тебе, и сите негови престапи, што ги извршил пред Тебе, и предизвикај сострадание кон нив кај оние, што ги плениле, та да бидат милостиви кон нив;
    51. зашто тие се Твој народ, и Твој дел, што Ти го изведе од Египет, од железната печка.
    52. Ушите Твои и очите Твои нека бидат отворени за молбата на Твојот слуга и за молитвата на Твојот народ Израилски, за да ги чуваш секогаш, кога Те повикуваат,
    53. зашто Ти си ги одделил за Свој дел меѓу сите земни народи, како што си рекол преку Мојсеја, Твојот слуга, кога ги изведе татковците наши од Египет, Владико Господи!”
    54. Откако Соломон ја заврши кон Господа целата оваа молитва и молба, па како што беше коленичел, стана од пред жртвеникот Господов, со рацете подигнати кон небото.
    55. И, исправен, го благослови целото собрание на Израилците, велејќи со висок глас:
    56. „Нека е благословен Бог, Кој му даде спокојство на Својот народ Израилот, како што беше говорел! Не остана неисполнет ниеден збор од сите Негови добри зборови, што ги беше изрекол преку својот слуга Мојсеја;
    57. нека биде со нас Господ, Бог наш, како што беше со татковците наши; да не нè остава, и да не нè напушта,
    58. приклонувајќи ги срцата наши кон Себеси, за да одиме по сите патишта Негови и да ги чуваме заповедите Негови и законите Негови, што им ги заповеда на татковците наши.
    59. И овие зборови, со кои се молев пред Господа денес, нека бидат блиски до Господа, нашиот Бог, дење и ноќе, за да го врши Он она што е нужно за Неговиот слуга и за Неговиот народ Израилот секој ден,
    60. та да го познаат сите народи, дека Господа е Бог, и дека нема друг освен Него.
    61. Срцето ваше нека биде наполно предадено на Господа, нашиот Бог, за да одите по наредбите Негови и да ги пазите заповедите Негови, како денес.”

 

12. Четврта книга Царства (Втора книга за царевите)

Првиот дел на води до распаѓањето на царството Израил. Бог му допушта на Салманасар, царот на Асирија, во 722 г. ст. / е. да го освои и прогони населението. Истакнат е ликот на Елисеј, наследникот на Илија. Вториот дел го опишува периодот од 30 години во кој царството на Јуда опстојува самостојно се до освојувањето на Ерусалим во 587 година пред Христос од страна на Навуходоносор од Вавилон и прогонувањето на најугледните граѓани.

***** Јехојахин – прво и второ прогонство на Евреите *****

———————————————————————————————————

Поуки / Мисли:

***** Оној што господари со луѓето, нека биде праведен, да господари со страхопочит кон Бога ***** Со милоствивиот – милостиво, со искрениот – искрено, со чистиот – чисто, со лукавиот – според лукавоста негова *****

***** Мир на тебе, мир на твојот дом, мир на се што е твое! *****

***** Разумно срце и мудрост ***** Чисто срце и правина ***** Доста е веќе, Господи, прибери ја душата моја, бидејќи јас не сум подобар од предците свои (Илија) ***** Здив од тих ветер – таму е Господ

 
Напишете коментар

Posted by на Мај 7, 2015 во Uncategorized

 

Ознаки: ,

Коментарите се затворени.