RSS

Како да го читаме Светото Писмо?

02 Мај

Добро е познато дека протестантите му посветуваат големо внимание на Светото писмо (Библијата). За нив, Светото писмо е сѐ. За нас, православните христијани, Библијата исто така е од суштествено значење. Сепак, честопати не успеваме да се ползуваме од тоа и не согледуваме колкава важност има Светото писмо за нас, или пак, доколку успеваме да го увидиме тоа, сепак, не му пристапуваме со прав дух, оти протестантскиот пристап и протестантските книги за Библијата се широко распространети, додека нашиот православен пристап е мошне поинаков.

Фактот дека Библијата е суштествен дел од нашата вера може да се согледа преку нашите, православни, богослужби. Богослужбените читања од Новиот завет, како од Посланијата така и од Евангелијата, се секојдневни. Во текот на годината ние читаме од речиси целиот Нов завет. Во првите три дена од неделата пред Пасха – благденот на Христовото воскресение, во храмовите се читаат четирите Евангелија, а во ноќта на Велики четврток се читаат дванаесет долги дела од Евангелијата, во кои се опишани Страдањата на нашиот Господ, а помеѓу тие читања се пеат стихови во кои се дава коментар за прочитаните евангелски пасуси. Стариот завет, исто така, се употребува на богослужбите. Во вечерните богослужби на секој голем празник се читаат три паримии кои претставуваат праобраз на празникот. А и самите богослужби се исполнети со цитати од Светото писмо, со алузии на Светото писмо и со инспирации кои доаѓаат директно од Светото писмо. Православните христијани ја читаат Библијата и вон богослужбите. Свети Серафим, во својот монашки живот, секоја недела го препрочитуваше целиот Нов завет. И можеби токму затоа што имаме толку големо богатство на Светото писмо во нашето православно предание, често сме виновни за земање на Библијата здраво за готово, за нејзино недоволно вреднување и исползуваме. Еден од најголемите толкувачи на Светото писмо е свети Јован Златоуст, свет отец од почетокот на петтиот век. Тој пишуваше толкувања на речиси целиот Нов завет, вклучително на сите посланија на свети Павле, како и на голем број старозаветни книги. Во една проповед за Светото писмо, тој на своето паство му се обраќа на следниов начин:

” Ве повикувам и нема да престанам да ве повикувам да обраќате внимание за она што е тука речено, но кога сте дома ,исто така, треба внимателно да се ангажирате со читање на Светото писмо“. Никој нека не ми кажува такви студени зборови достојни за осуда како овие: `Зафатен сум со судење, имам обврски кон градот, имам сопруга, треба да ги нахранам моите деца, не е моја обврска да го читам Светото писмо, тоа е обврска на оние кои отфрлија сѐ земно`. Та што велите? Не е ваша должност да ја читате Библијата, затоа што сте спречени од голем број грижи? Напротив, ваша обврска е повеќе отколку на другите, повеќе отколку на монасите, оти тие немаат таква потреба од помош како вие, вие кои живеете во виорот на тие грижи. Вие имате дотолку повеќе потреба од лекување затоа што сте непрестано под такви удари и непрестано сте ранувани. Читањето на Писмото е голема заштита од грев. Непознавањето, пак, на Писмото е голема несреќа, голема празнина. Да не се знае ништо од Словото Божјо е катастрофа. Тоа е она што ѝ дало сила за растење на ереста, на неморалноста; тоа преврте сѐ наопаку.”

Гледаме дека читањето на Светото писмо нѐ обезбедува со големо оружје во борбата против световните искушенија кои нѐ опкружуваат – а ние не чиниме доволно за тоа. Православната Црква, бивајќи далеку против читањето на Светото писмо, (напротив), сосема го охрабрува. Таа е само против погрешното читање на Светото писмо, против вчитувањето на сопствените лични размислувања и страсти, дури и гревови во светиот текст. Кога слушаме дека сите протестанти се возбудени за нешто за кое велат дека е во Писмото, на пример духовниот занес, или учењето за милениумот, тогаш ние всушност не сме против нивното читање на Писмото, туку против нивното погрешно толкување. За да се одбегне замката самите мора да сфатиме што значи тој свет текст и како да му пристапиме.

Светото писмо, Стариот и Новиот завет – не е само обична книга. Тоа е книга која не содржи човечка вистина, туку божествено откриени вистини. Таа е слово Божјо. Затоа, мора да ѝ пристапиме со почит и сокрушеност на срцето, а не само со едноставно, голо љубопитство и академска студеност. Денес, не можеме да очекуваме личност која нема симпатија за христијанството и нема симпатија за Писмото да има правилен однос на богопочитување. Сепак, во зборовите на Библијата – а особено на Евангелијата – има такви зборови, кои можат да преобразат личност дури и без тој соодветен однос. Сме слушале за случаи во комунистичките земји, полицијата во посебни одреди оди со цел да прогонува верници и ги растура нивните собори; ја конфискуваат целата богословска литература: Библии, богослужбени книги, патристички текстови – голем број од кои се напишани на рака. Тие текстови треба да ги спалат, но, понекогаш или личноста која е назначена да ги спали, или личноста која ги собира, станува љубопитна и започнува да ги чита осудените материјали. Постојат случаи во кои тоа го менува животот на таа личност. Одеднаш тој Го сретнува Христа и е шокиран од таа средба, особено доколку е израснат со мислењето дека тоа е големо зло; а ете тука открива дека не станува збор за никакво зло, туку за нешто навистина фантастично.

Многу модерни научници пристапуваат кон Евангелието со студен, академски дух; не сакаат да ги спасат своите души со читање на Светото писмо; единствено сакаат да докажат колку големи научници се, какви сѐ нови идеи можат да изнедрат; сакаат да си направат име за себе. Но, ние православните, мора да имаме голема богопочит и смирение, т.е. мора да му пристапиме на Словото Божјо со желба да ги промениме своите срца. Светото писмо го читаме со цел да стекнеме спасение, не како што веруваат некои протестанти, затоа што веќе сме спасени без можност да отпаднеме, туку затоа што сме луѓе кои очајнички се обидуваат да го очуваат спасението кое Христос ни го дари, целосно свесни за нашата духовна сиромаштија. За нас, читањето на Светото писмо е буквално прашање на живот или смрт. Како што напиша цар Давид во Псалмите: „срцето мое се уплаши само од Твоите зборови. Се радувам на Твоето слово, како оној кој нашол големо благо“.

Светото писмо содржи вистини и ништо освен вистини. Затоа, мора да го проучуваме Писмото верувајќи во неговата вистина, без каков било сомнеж или критицизам. Доколку имаме таков став нема да стекнеме никаква корист од читањето на Светото писмо, туку ќе се видиме себеси заедно со оние „мудри“ луѓе кои мислат дека знаат повеќе од Божјото откровение. Всушност, мудрите на светот често го промашуваат значењето на Светото писмо. Нашиот Господ се молеше: „Те прославувам, Оче, Господи на небото и на земјата, оти си го сокрил ова од мудрите и разумните, а си го открил на простите“ (Лк. 10, 21). Во нашиот пристап не смееме да бидеме софистицирани, комплицирани научници, туку да бидеме едноставни. И ако сме едноставни зборовите ќе имаат значење за нас.

Преподобен Серафим Платински (Роуз)

Извор: „Православен Пат“ бр.28, СПЕ

Извор: http://agapi.mk/kako-da-go-citame-svetoto-pismo/

 
Напишете коментар

Posted by на Мај 2, 2015 во Uncategorized

 

Ознаки: ,

Коментарите се затворени.