RSS

За читањето на Евангелието….

02 Мај

ЗА ЧИТАЊЕТО НА ЕВАНГЕЛИЕТО

Кога го читаш Евангелието, не барај ни наслади, ни восхитување, ни блескави мисли: барај непогрешливо да ја видиш светата Вистина.

Не се задоволувај само со бесплодно читање на Евангелието, туку труди се да ги исполниш неговите заповеди – читај го со дело. Тоа е книга на животот и треба да се чита со живот.

Немој да мислиш дека, најсветата книга – Четвороевангелието, без причина почнува со Евангелието од Матеј, а завршува со Евангелието од Јован. Матеј повеќе учи како треба да се исполнува Божјата волја и неговите поуки особено се пригодни за оние, кои го започнуваат Божјиот пат. Јован, пак, ги изложува начинот и сликата на соединувањето на Бог со човекот, на обновените заповеди, кои им се достапни на оние, кои напредувале на Божјиот пат.

Отворајќи ја книгата Евангелие, имајќи желба да ја прочиташ, сети се дека таа е моќна да ја реши твојата вечна судбина. Според неа ќе ни се суди, и според тоа, како сме се однесувале на земјава кон неа, ќе добиеме во сопственост или вечно блаженство, или вечна казна.

Бог ја открил својата волја на ништожната прашина – човекот, а книгата, во која е изложена големата и сесвета волја, е во твоите раце. Ти можеш да ја примиш, но и да ја отфрлиш волјата на твојот Творец и Спасител, според тоа, како ти мислиш дека е најдобро. Твојот живот и вечната смрт се во твоите раце, па затоа размисли колку треба да бидеш внимателен и мудар. Не играј си со својата вечна судбина!

Со скрушен дух моли се на Господа, да ти ги отвори очите, па да ги видиш чудата, кои се скриени во Неговиот закон – Евангелието. Очите се отвораат и се забележува чудесно исцеление на душата од гревот, извршено преку Словото Божјо. Исцелувањето на телесните болести било само како последица од исцелувањето на душата, како доказ за телесните луѓе, чии умови се заслепени со сетилноста. Читај го Евангелието со најголема побожност и внимателност. Во него немој ништо да третираш како мало и неважно и недостојно за размислување. Секој негов збор зрачи со живоносна светлина. А занемарувањето на животот е – смрт.

Читајќи за губавите, раслабените, слепите, хромите, бесните, за сите оние, кои ги исцелил Христос, помисли дека тука е и твојата душа, која ги носи разновидните гревовни рани и која се наоѓа во демонско ропство, слично на овие болни. Чиајќи ги овие настани во Евангелието, поткрепи се во верата дека Господ, Кој ги исцелил нив, ќе те исцели и тебе, доколку Го молиш за своето исцеление.

Стекни таква расположба на душата, за да бидеш способен да примиш исцеление. А способни да примат исцеление се оние, кои се свесни за својата грешност и кои одлучиле да го остават гревот. На гордиот праведник, односно грешник, кој не ја согледува својата грешност, ниту му е потребен Спасителот, ниту му е корисен.

Гледањето на гревовите, гледањето на тоа паѓање, во кое се наоѓа целиот човечки род, претставува посебен Божји дар. Испроси го од Бога тој дар, па ќе ти биде поразбирлива книгата на небесниот Лекар – Евангелието.

Потруди се, Евангелието да ги освои и твојот ум и твоето срце. Твојот ум, така-речи, да плива во него, да живее во него. Тогаш и твојата активност лесно ќе постане евангелска. Тоа може да се постигне со постојано побожно читање и изучување на Евангелието.

Преподобниот Пахомиј Велики го знаел напамет светото Евангелие и им го препорачувал на своите ученици, според Божјото откровение, како неопходна обврска за да го проучуваат. На таков начин, Евангелието им било сопатник насекаде и постојано ги следело.

И сега, се прашуваме, зошто христијанските воспитувачи не го збогатуваат памтењето на невиното дете и зошто не ја украсуваат неговата душа со Евангелието, а наместо тоа, го оптоваруваат со изучување на Езоповите басни и други непотребности?

Колку е голема среќата и колкаво е богатството – да се стекне Евангелието во памтењето? Не е можно да се предвидат пресвртите и неволјите, кои можат да ни се случат во текот на земниот живот. Евангелието, како своина на памтењето, го чита и слепиот; тоа е сопатник на затворениот во затворот; разговара со земјоделецот на нивата, која е натопена со неговата пот; го поучува судијата за време на судењето; го раководи трговецот во трговијата; го развеселува болниот во време на мачна несоница и тешка самотија.

Немој да се осудуваш самиот да го толкуваш Евангелието и другите книги од Светото Писмо. Светото Писмо го напишале светите Пророци и Апостоли, но не по своја волја, туку по вдахновение на Светиот Дух. Па, зарем тогаш не е безумство тие книги да се толкуваат самоволно?

Светиот Дух, Кој преку Пророците и Апостолите го изговорил Божјото Слово, истото и го протолкувал преку светите Отци. И Божјото Слово и неговото толкување е дар од Светиот Дух. Само ова толкување го прима светата Православна Црква. Само ова толкување го примаат нејзините вистински чеда.

Оној, кој произволно го објаснува Евангелието и целото Свето Писмо, со самото тоа тој го отфрла толкувањето на светите Отци и Светиот Дух. А, кој го отфрла толкувањето на Светиот Дух, тој, без сомневање, го отфрла и самото Свето Писмо.

И Божјиот збор, зборот на спасението, за безобразните толкувачи постанува смртен мирис и меч со две острици, со кој самите се заклале за вечна погибел. Со тој меч засекогаш се убиле безумните Ариј, Несториј, Евтихиј и многу други еретици, кои со произволното и цинично толкување на Светото Писмо паднале во богохулство.

„Ќе погледам на смирениот и паднатиот со дух и на оној што трепери пред Моето слово“ (Иса. 66: 2). Биди таков и во односот кон Евангелието, но и кон Господа, Кој е присутен во него.

Остави го грешниот живот, остави ги земните приврзаности и наслади, одречи се од својата душа, и тогаш Евангелието ќе ти биде достапно и разбирливо.

„Кој ја сака душата своја, ќе ја загуби; а кој ја мрази душата своја на овој свет, ќе ја запази за живот вечен“ (Јован 12: 25). Овие зборови ги рекол Христос за оние души, на кои, по падот, гревољубието им постанало како природно. За оној, кој ја љуби својата душа, за оној, кој не се одлучува на самоодрекување, Евангелието е затворено. Таквиот ги чита буквите, но зборовите на животот, како Духот, за него остануваат под непроѕирна завеса.

Евангелието, според зборовите на преподобниот Марко Подвижник, се чита со чист ум, а се разбира според мерката на исполнување на неговите заповеди на дело. Но, точно и целосно разбирање на Евангелието не е можно да се стекне со сопствено напрегање: тоа е Христов дар!

Светиот Дух, кога ќе се всели во вистинскиот и верен свој слуга, го претвора во совршен читател и вистинит исполнител на Евангелието.

Евангелието е слика на особините на новиот човек, Кој е – „Господ од небото“ (1. Кор. 15: 47). Тој нов човек е – Бог по природа. Своето свето достоинство – луѓето, кои во Него веруваат и според Него се преобразиле, Он ги претвора богови по благодат.

Вие, кои се наоѓате во смрдливата и нечиста гревовна кал, во неа најдувате и наслада. Но, подигнете ја својата глава и погледнете кон чистото небо: таму е вашето место! Бог ви дава достоинство на богови, а вие, отфрлајќи го ова достоинство, вие бирате нешто друго: животинска срам, и тоа највалкана. Освестете се! Оставете ја смрдливата кал! Очистете се со исповед на гревовите! Измијте се со солзи на покајание! Украсете се со солзи на умиление! Подигнете се од земјата! Издигнете се на небо со помош на Евангелието!

Додека ја имате светлината – Евангелието, во кое е сокриен Христос,верувајте во светлината, за да бидете синови на светлината, која е Христос!

Свети Игнатиј Брјанчанинов

Извор: Благовести

 
Напишете коментар

Posted by на Мај 2, 2015 во Uncategorized

 

Ознаки: ,

Коментарите се затворени.