RSS

СВЕТО ПИСМО – СТАР ЗАВЕТ (7)

26 Јул

32. Исаија

Пророкот Исаија бил Божји гласник меѓу Јудејците околу 40 години. За тоа време во Јудеја се изредиле четири цареви. Книгата има 66 глави и може да се подели на три дела. Првиот дел ја истакнува Божјата светост и сила; вториот дел е наречен и утеха за Израил, дел во кој Господ им се обраќа на народот кој веќе е казнет и обесхрабрен; третиот дел се однесува  на периодот  по враќањето од ропството во Вавилон

Поуки / Мисли:

***** Не жртви, туку правда. Научете се да правите добро, барајте правда, спасувајте угнетен, заштитувајте сирак, застапувајте се за вдовица ***** Она што е висококај луѓето, ќе се понизи ***** ВРЕМЕ ЗА ПЛАЧЕЊЕ (Господ Бог Саваот ве викаше на тој ден да плачете и да тагувате, да се истрижете и да се облечете во вреќиште / Но, ете, веселба и радост! Убиваат волови и колат овни; јадат месо, пијат вино и велат: Да јадеме и да пиеме, зашто утре ќе умреме! / и ми откри во ушите Господ Саваот: Нема да ви биде простен тој грев додека не умрете, рече Господ Бог Саваот) ***** Понизи ја гордоста ***** Дух на правосудие за оној што седи во судот и снага за оние кои го отфрлаат  непријателот од портите ***** Ако останевте на местото и мирувавте, ќе се спасевте; во кротката надеж е вашата сила ***** Кажете им на плашливите со дух: бидете цврсти, не плашете се ***** Ти се видел многу, но не си забележувал; ушите ти биле отворени, но не си слушал ***** Јас сум истиот, јас сум првиот и јас сум последниот ***** Скршено срце и понизен дух ***** Викај со сиот глас, не воздржувај се; крени го гласот како труба, укажи му на народот мој на беззаконието негово, и на домот Јаковов – гревовите негови ***** КАЗНА ЗА ЛАЖНА СВЕТОСТ (Викај со сиот глас, не се воздржувај; крени го гласот како труба, укажи му на народот Мој на беззаконието негово, и на домот Јаковов – гревовите негови.
/ Тие секој ден Ме бараат и сакаат да ги знаат Моите патишта, кои како народ, божем постапува праведно и не ги остава законите на својот Бог; сакаат од мене праведен суд, сакаат да се приближат до Бога: / „Зашто ние постиме, велат, а Ти не гледаш; ги измачуваме душите свои, а Ти не сакаш да знаеш” – Ете, кога постите, вие ја исполнувате својата волја и од другите барате тешки трудови. / Ете, вие постите за караници и расправии и за да ги биете со рака сиромасите; вие не постите во тоа време така, што гласот ваш да биде чуен во висините. / Таков ли е постот, што Јас го определив: човек да ја изнемоштува душата своја во денот кога ја наведнува главата како трска и под себе постила вреќиште и пепел? Тоа ли ќе го наречеш пост и ден угоден на Господа? / Ете го постот, што го избрав: раскини ги оковите на неправдата, одврзи ги врските на јаремот, и угнетените пушти ги на слобода и скрши го секој јарем; / раздели го лебот свој со гладните, и скитниците сиромаси одведи ги во домот свој; ако видиш гол, – облечи го, и од еднокрвниот не се криј. / Тогаш твојата светлина ќе се јави како зора, и твоето здравје наскоро ќе процути, твојата правда ќе тргне пред тебе и славата Господова ќе те придружува. / Тогаш ти ќе повикаш – и Господ ќе те чуе, ќе извикаш – и Он ќе рече: „Еве Ме.” Кога ќе го отстраниш од себе јаремот, кога ќе престанеш да креваш прст и да говориш лошо, / кога ќе му ја дадеш на гладниот душата своја и ќе ја нахраниш душата на страдалникот, – тогаш твојата светлина ќе изгрее во темнината, и мракот твој ќе биде како пладне; / и Господ секогаш ќе ти биде водач, а и во време на суша ќе ја наситува душата твоја и ќе ги крепи коските твои; ти ќе бидеш како градина напоена со вода и како извор, чии води никогаш не пресушуваат. / Тогаш твоите потомци ќе градат врз стари урнатини: ти ќе ги востановиш основите на многу поколенија, и ќе те викаат обновител на урнатини, градител на патишта за населби. / Ако заради саботата ја воздржиш ногата своја да ги исполнува желбите на твоето срце во светиот Мој ден, и ако ја нарекуваш саботата радост, свет ден Господов, ако ја празнуваш и ако ја почитуваш со тоа да не се занимаваш со обичните работи, да им угодуваш на своите грешни желби и да празнословуваш, – / тогаш ќе имаш радост во Господа, а Јас ќе те искачам на височини земни и ќе ти дадам да вкусиш од наследството на Јакова, твојот татко: устата на Господа го изрече тоа.) ***** О, Вие што го споменувате Господа, не замолкнувајте ***** Денот за одмазда е во срцето мое

33. Еремија

Својата служба на Божји гласник меѓу луѓето, Еремија ја започнал во раната младост (на 20 годишна возраст) и ја продолжил се до 586 година пред Христос, кога Вавилонците го освоиле Ерусалим. Бил присилен да замине со дел од својот народ во Египет.

Со помош на својот пријател Варух, Еремија ги запишал повеќето пораки кои ги добил од Господ.

Поуки / Мисли:

***** Нашите ограничени способности не се пречка за Бога ***** Тие ќе војуваат против тебе, но нема да те победат; зашто јас сум со тебе, за да те избавувам – вели Господ ***** Измиј го злото од срцето свое, Ерусалиме, за да се спасиш: до кога ќе борават во тебе злосторнички мисли? ***** Нажален сум до дното на срцето свое, се бранува во мене срцето мое, не можам да молчам; зашто ти слушаш душо моја, звук од труба, воен повик ***** Мудриот да не се фали со мудроста своја, силниот да не се фали со силата своја, богатиот да не се фали со богатството свое ***** Обичаите на незнабошците се суетни, тие не можат да направат зло, но и добро не можат да направат ***** Патот на човекот не зависи од него, не е во власта на оној кој оди да ги исправа стапките свои ***** Па ќе повикате по мене, ќе дојдете и ќе ме замолите и јас ќе ве чујам; ќе ме побарате и ќе ме најдете, ако ме побарате од срце ***** Нека не ослабува срцето ваше и не плашете се од гласот, што ќе се чуе по земјата.

34. Плачот на Еремија

Оваа книга содржи пет поеми во кои се изразува длабоката тага поради разорувањето на Ерусалим. На пророкот му е јасно дека жителите на Ерусалим се казнети поради нивните гревови, но смета дека казната е поголема од онаа што тие ја заслужиле.

35. Послание на Еремија

Посланието упатено од пророкот Еремија кон оние што заминале за Вавилон. Наменето било за неколкуте јудејски општини во Сирија, кои биле изложени на силни репресии од страна на династијата на Селевкидите.

36. Варух

Дело на соработникот на Еремија. Делото е составено од четири одделни тематски целини, кои по се изгледа не се пишувани од ист писател.

Поуки / Мисли:

***** Научи каде се наоѓа мудроста, каде е силата, и каде е остроумноста, па заедно со тоа да разбереш во што е долговечноста и животот, и каде се наоѓа светлината на очите и мирот.

37. Езекил

Езекил бил и пророк и свештеник во ерусалимскиот храм и еден од прогонетите во Вавилон. Кога Господ му ги пренесува своите пораки на Езекил, тој му се обраќа со “сине човечки”. Книгата може да се подели на пет дела: (1), видението на Езекил во кои ја видел славата Господова и бил повикан за пророк; (2), предупредувањето до народот дека ќе биде казнет од Господ; (3), Божјата казна врз околните народи; (4), пораки на надеж, по падот на Ерусалим; и (5), видението за нов храм во Ерусалим.

Поуки / Мисли:

***** Бидејќи кажувате суета и гледате во виденијата лага, јас сум против вас – вели Господ Бог ***** Секој е одговорен за своите сопствени гревови ***** Во твојата нечистотија има таква гадотија, што колку и да те чистам ти сеуште ќе останеш нечист; од твојата нечистотија ти и во иднина нема да се очистиш, се додека не се исполни гневот мој врз тебе ***** Секој има лична одговорност ***** Тие ги слушаат твоите зборови, но не ги исполнуваат.

38. Даниил

Книгата може да се подели на два дела: во првиот дел се опишуваат доживувањето на младите Јудејци откако зазеле видни места во вавилонската власт, како и нивната верност кон Господ; во вториот дел Даниил опишува неколку виденија што тој ги имал и објаснувањата за нив дадено од Ангелите.

Поуки / Мисли:

***** Нека е благословено името на Господ од века и довека, зашто во него има мудрост и сила.

39. Осија

Осија бил пророк во северното царство, Израил, во последните години од неговото постоење како слободна и независна држава. Во првите три глави од оваа книга, семејниот живот на Осија е употребен како слика на пораката што Осија треба да му ја пренесе на народот. Преостанатиот дел од книгата го нагласува Божјиот завет со Израил, а Господ ги става пред суд Израил и Јуда, обвинувајќи ги за неверство кон заветот со Бога.

Поуки / Мисли:

***** Јас повеќе сакам милост, отколку жртва, и познавање на Бога, а не жртва сепаленица ***** Сејте правда – па ќе жнеете милост.

40. Јоил

Јоил бил пророк во Израил во IV или V век пред Христос. Во негово време роеви скакулци ги пустошеле земјоделските насади. Тој ја употребил ситуацијата со скакулците за да објави дека вистинска армија ќе го нападне Израил. Ако народот се покае за своите гревови Господ ќе им се смилува, ќе им прости и повторно ќе ги благослови.

41. Амос

Амос не бил школуван пророк, но Господ го повикал да ја пренесе неговата порака за Израилците. Тој најпрвин ги осудува соседните народи, а потоа и Израил. Тоа особено се однесувало на богатите кои ја користеле својата моќ да ги ограбуваат сиромасите и да ги претвараат во свои робови.

Поуки / Мисли:

***** Жед за слушање зборови Господови *****

42. Авдиј

Авдиј бил пророк за кој не се знае многу. Неговото име означува богослужител, име кое било вообичаено во древниот Израил. Книгата содржи само една глава во која пишува за Едомците и нивното сурово однесување кон Божјиот народ.

Поуки / Мисли:

***** Како си правел, така и ќе ти се прави; отплатата ќе падне на твојата глава.

43. Јона

Во оваа книга се раскажува за обидот на пророкот Јона да избега од Божјата служба. Пораката што Јона требало да ја проповеда се состоела од само една реченица. Оваа книга има за цел да истакне дека Господ е добар и милослив и дека повеќе сака да простува, отколку да казнува.

44. Михеј

Михеј пророкувал во периодот од 740 до 700 година пред Христос. Важни моменти во оваа книга се најавите за сеопшт мир под Божјото водство и претсткажувањата за великиот цар, Исус Христос, кој ќе произлезе од семејната лоза на царот Давид.

Поуки / Мисли:

***** Работи праведно, сакај милосрдни дела и понизно врви пред твојот Бог ***** Морам да го поднесам гневот Господов – зашто сум згрешил пред Него – додека не го реши делото мое и не ја изрече правдата; тогаш Тој ќе ме изведе на светлина и јас ќе ја видам правдата негова.

45. Наум

Наум зборува за Божјата милост и добрина, но само кон оние што го почитуваат Бога. Исто така, оваа книга упатува на еден од начините на кои Господ покажува милост кон своите.

46. Авакум

Авакум бил потресенод суровоста на Вавилонците и го прашува Господа, зошто не реагира на ваквите неправди? Господ му одговара дека тој тоа ќе го стори кога за тоа ќе дојде време, а праведните дотогаш ќе живеат преку вера.

Поуки / Мисли:

***** Гордата душа ќе пропадне, а праведникот ќе живее преку верата ***** Тешко му на оној што без мерка се збогатува и тоа не со свое ***** Бидејќи си ограбил многу народи, и тебе ќе те ограбат сите други народи ***** Внатрешноста моја затрепери ***** Вера и во зло време

47. Софонија

Пророкот Софонија живеел во втората половина на VII век пред Христос. Тој посетувал дека покрај паганските народи ќе биде казнет и Ерусалим.

48. Агеј

Оваа книга претставува збирка од повеќе куси пораки од Господ упатени кон Агеј во 520 година пред Христос. Господ, преку пророк Агеј, им порачува дека треба да го обноват Божјиот храм

Поуки / Мисли:

***** Преиспитајте ги своите патишта! *****

49. Захарија

Книгата на пророкот Захарија се состои од три дела: (1), се опишани осум виденија кои се однесуваат на обновата на ерусалимскиот храм, на очистувањето на народт и на месијанската ера претсткажана во иднина; (2), се говори за казната што ќе им дојде од Господ на сите што му се неверни; и (3), ги пренесува пораките од Господ до Захарија, а кои се однесуваат на иднината.

Исто така, Господ им ветува дека еден ден тој ќе им подигне цар – Месија. Евангелистите Матеј и Јован ги цитираат овие делови од книгата и ги применуваат на Исус Христос.

Поуки / Мисли:

***** Извршувај суд праведен и имај милост и сочуство ***** И како што викав јас, а тие не слушаа, викаа и тие, но јас не ги слушав, вели Господ Саваот.

50. Малахија

Пророкот Малахија ги повикува народот и свештениците да принесуваат праведни жртви и да бидат верни кон Бога во извршувањето на своите завети. Господ ќе дојде да суди и да го прочисти својот народ, испраќајќи гласник да го приготви патот и да објави нов завет помеѓу Бога и луѓето.

Поуки / Мисли:

***** Помнете го Законот на Мојсеј, како и правилата и наредбите *****

 
Напишете коментар

Posted by на Јули 26, 2015 во Uncategorized

 

Ознаки: ,

Коментарите се затворени.