RSS

СВЕТО ПИСМО – НОВ ЗАВЕТ

27 Јул

New Testament / Neue Testament / Но́вый Заве́т / Καινή Διαθήκη / Nya Testamentet / Novi zavjet / Yeni Ahit / Besëlidhja e Re / Новиот Завет

Новиот завет содржи 27 текста, напишани во периодот од 50 до 120 година. Тој содржи 4 евангелија, Дела апостолски, 21 послание и една апокалипса (Откровение Јованово).

 Евангелие според Матеј

Поуките од ова Евангелие можат да се поделат на 5 теми: (I) Проповедта на гората, која ги содржи смислата и целта на човековото постоење, правата, должностите и к-ките на жителите на Божјото Царство; (II) Упатствата до 12-тите Апостоли и задолженијата за нивната мисија; (III) споредби за Божјото Царство, (IV) Поуки за следбениците; (V) Поуки за последниот суд и за Небесното Царство.

Поуки / Мисли: Покајте се! — Направете плод достоен за покајание и немојте да говорите во себе! — Секое дрво што не дава добар плод, се сече и се фрла во оган — Човек не живее само од леб, туку и од секој збор што излегува од устата на Бога — Не искушувај! — Блажени се бедните по дух, оние што плачат, кротките, гладните и жедните за правда, милостивите, чистите по срце, миротворците, гонетите заради правда, блажени сте Вие кои ќе ве срамат и прогонуваат и кога лажно ќе говорат против Вас — Не колнете се воопшто — Не противете се на злото — Љубете ги непријателите свои, благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат и молете се за оние што ве навредуваат и гонат — Не ја покажувај својата праведност пред луѓето само за да бидете забележани, кога даваш милостина не разгласувај како што прават лицемерите — Моли се тајно! — Кога постиш, помажи ја главата своја и измиј го лицето свое — Собирајте си богатство на небото, зошто каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше — Не грижете се за утре, зошто утрешниот ден ќе се грижи за своето, на секој ден доволно му е неговото зло — Не судете, за да не ви се суди — Сакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори — Се она што сакате да ви прават луѓето, правете им го и вие — Тесни се вратите и тесен е патот што водат кон животот, и малкумина го наоѓаат — Пазете се од лажните пророци. По нивните плодови ќе ги познаете — Мудар човек е кој си изградил куќа од камен (вистински вредности) — Простувај! — Здравите немаат потреба од лекар, туку болните — Верувај! — Бесплатно добивте, бесплатно давајте! — Кога ќе ве предадат, не грижете се како или што ќе зборувате — Не плашете се! — Нема ништо сокриено што не ќе се открие, или тајно што нема да се дознае — Она што ви се говори во темнина, кажете го на видело; и она што ви се шепоти, разгласувајте го — Поради зборовите свои ќе бидеш оправдан, и поради зборовите свои ќе бидеш осуден — Целта на параболите: “Гледаат и не видуваат; слушаат и не можат да чујат, ниту пак, разбираат” (Исаија) — Она што излегува од устата, излегува од срцето и тоа го осквернува човекот — Каква полза е за човек ако го придобие целиот свет, а на душата своја и напакости — Молитва и пост — Ако не се обратите и не бидете како деца, нема да влезете во царството небесно — Не наведувај на грев (за соблазнувањата) — Простувај, како што ти опростуваат — Верувај, без сомнеж — Кој се воздигнува, ќе биде понижен; а кој се понизува, ќе биде воздигнат — Кој чита нека разбере! — Духот е бодар, но телото е слабо, молете се да не паднете во искушение.

Евангелие според Марко

Започнува со најавата за радосната вест за Исус Христос. Исус е прикажан како моќна и силна личност, отсликана во Неговите поуки, исцелувања, истерување на демони и опростување на гревови. Исус се претставува како Оној, Кој дојде да се жртвува за да ги ослободи луѓето од гревот. Ова е најкусо од сите четири Евангелија и претежно ги пренесува Исусовите дела, а не Неговото учење.

Поуки / Мисли: Здравите немаат потреба од лекар, туку болните. Не сум дошол да ги повикам праведниците, туку грешниците на покајание — Со каква мерка мерите, со таква ќе ви се мери, и ќе ви се придодаде — Кој има него ќе му се даде; а кој нема, од него ќе се одземе и она што го има — Кој сака да биде прв, нека биде последен од сите, и слуга на – сите.

Евангелие според Лука

И ова евангелие се одвива според следниот план: појавата на Јован Крстител како Исусов претходник, Исусовото крштевање… но за разлика од претходните две Евангелија Лука изнесува нови параболи и некои нови епизоди од Исусовиот живот. Лука го воведува читателот во дејството преку воведот посветен на родословието на Господ Исус и на Јован Крстител. Лука исто така ја покажува посебната љубов што Бог им ја истакнува на безначајните и малите луѓе, како и атмосферата на радост, благодарност и молитва што го придружуваат присуството на Евангелието.

Поуки / Мисли: Не барајте повеќе отколку што ви е одредено — Врз никого не вршете насилство, никого не клеветете и бидете задоволни со вашите плати — Ниеден пророк не е омилен во својата татковина — Може ли слеп да води слеп? — Оној што слуша и не исполнува, прилега на човек што изградил куќа на земја, без темели — Љубовта е пат до вечниот живот — Царството Божјо е во Вас внатре — Каде што е лешот, таму ќе се соберат и орлите — Кој нема да го прими царството Божјо како дете, тој нема да влезе во него — Молете се за да не паднете во искушение.

Евангелие според Јован

Евангелието според Јован Го прикажува Господ Исус Христос како Божјо Слово, Кое стана тело и живееше меѓу луѓето. Ова Евангелие го нагласува вечниот живот што се добива преку вера во Исус Христос. Јован ги запишал бројните поуки на Исус во кои се зборува преку параболи, односно споредби со секојдневните нешта.

            Поуки / Мисли: Секој човек најнапред го изнесува доброто вино, а кога ќе се поднапијат, тогаш полошото — Ако јас сведочам сам за себе, сведоштвото мое нема да биде вистинито — Работете не за храна што се расипува, туку за храна што останува за вечен живот — Кој говори самиот од себе, тој си ја бара својата слава — Не судете според надворешноста, туку судете со праведен суд! — Кој од вас е без грев, прв нека фрли камен на неа! — Вистината ќе ве ослободи — Секој што прави грев, роб му е на гревот — Тој е возрасен, него прашајте го! — Духовно слепило — Делата – сведочат — Љубете се еден со друг! — Положи ја душата своја за своите пријатели — Ако реков нешто лошо, докажи го лошото; ако ли, пак, добро – зошто ме удираш?

Дела на апостолите

Делото на Лука опфаќа две новозаветни книги (Евангелието и Дела на Апостолите). Делата на апостолите започнува со описот на Исусовото вознесение, со кое се инаугурира времето на Црквата, се бележи растежот на христијанските заедници, посебно преку мисијата на апостол Петар за ширење на христијанството. Книгата може да се подели на следниве целини: (I) почетоците на првата Црква во Ерусалим; (II) распространувањето на Евангелието меѓу другите народи, и (III) распространување на Евангелието во средоземноморскиот свет па се до Рим.

Поуки / Мисли: Зошто беснеат народите и луѓето намислуваат празни работи? — Не презирај — Не плаши се, туку продолжи да зборуваш и не замолкнувај — Поблажено е да се дава, отколку да се прими — Срцето на овие луѓе закоравело, та со ушите мачно слушаат, а очите свои ги затвориле, па никако со очите да не видат и со ушите да не чујат, и со срцето да не разберат, и да не се обратат.

Послание на апостол Јаков

Посланието е општо писмо упатено до христијаните од целиот свет. За апостол Јаков верата значи делување! Целата книга е серија на примери кои ја претставуваат верата покажана на дело, на мудар и практичен начин. Содржина: поздрави, живот во верата и мудроста, прифаќањето на Божјата порака, за богатиот и сиромавиот, мудрост и зборови, трпение, љубезност и молитва и предупредување против пријателството со светот.

Поуки / Мисли: Ако си сиромав, не очајувај! — Кога твојата вера е испитувана, не предавај се! — Не лути се лесно! — Не давај му предимство на богатиот пред сиромавиот! — Контролирај го твојот јазик и своите желби! — Предај се на Бога и управувај се според Неговата мудрост! — Биди трпелив и љубезен и моли се за оние кои имаат потреба од Божјата помош! — Оној кој се сомнева прилега на морски бран, кого ветрот го издига и го растура — Човек што се двоуми во сите свои патишта е непостојан — Бог не искушува, го искушува неговата похота која го влече и мами; откако ќе се зачне, раѓа грев, а гревот, извршен, раѓа смрт — Бидете извршители на словото, а не само слушатели — Ако некој од вас мисли дека е побожен, а не го зауздува јазикот свој, туку го мами срцето свое, неговата побожност е суетна — Не биди пристрасен — Без дела верата е мртва — Кој сака да му е пријател на светот му станува непријател на Бога — Бог се противи на горделивите, а на понизните им дава благодат — Животот е пареа, која се појавува за кратко време, па исчезнува.

Прво послание на апостол Петар

Послание упатено до христијаните во Мала Азија, кој апостол Петар ги нарекува “Божји избран народ”. Главна цел на посланието е да ги охрабри оние кои трпеле прогонства поради нивната вера во Христос. Покрај охрабрувањата за прогонетите, писателот ги поттикнува читателите да живеат со живот достоен за Христови следбеници.

Поуки / Мисли: Живејте во љубов! — Почитувајте го секого! — Не враќај зло за зло или навреда за навреда — Барај мир и стреми се кон него — Љубовта покрива многу гревови

Второ послание на апостол Петар

Главна тема на ова послание се лажните учења и неморалот кој од нив произлегува. Најдобриот начин за борба против лажните учења е определбата да се држиме до изворното учење.

Поуки / Мисли: Принесете кон верата своја добродетел, а кон добродетелта знаење, кон знаењето воздржување, кон воздржувањето трпение, кон трпението побожност, кон побожноста братољубивост, кон братољубивоста љубов

Прво послание на апостол Јован

Писателот се стреми кон двојна цел во своето послание: (I), да ги охрабри своите читатели да живеат во вистинско заедништво со Бога и со Христос, што треба да се изрази преку примената на братската љубов, и (II), да се борат против лажната наука што ја компромитира верноста во Евангелието. Според него, Бог е светлина – Бог е љубов. Да му се припаѓа на Бога значи да се љуби.

Поуки / Мисли: Бог е светлина! — Ако кажеме дека немаме грев, се лажеме самите себе — Не чудете се ако светот ве мрази — Да не се сакаме со зборови или со јазик, туку со дела и вистина — Кога нашето срце не не осудува, тогаш ние имаме слобода пред Бога — Бог е љубов! — Пазете се од идолите!

Второ послание на апостол Јован

Писателот ги охрабрува своите читатели да живеат во вистината и во љубовта, повикувајќи ги да бидат постојано будни и да бидат истрајни во вистинската вера.

Поуки / Мисли: Пазете се да не го изгубите она за кое сте се труделе, туку да добиете полна награда

Трето послание на апостол Јован

Судејќи според ова послание, дека гостопримството, дочекот резервиран за браќата е форма на љубов и на верност кон вистината.

Поуки / Мисли: Кој добро чини од Бога е; а кој прави зло, не го видел Бога — Разговор лице в лице — Мир за тебе!

Послание на апостол Јуда

Ова послание е наменето за оние кои се борат за грешните учења и против оние кои се истакнуваат со нивниот разврат. Ова послание ја открива и застрашувачката сила на лагата.

Поуки / Мисли: Тие се незадоволни викачи, кои живеат според своите желби, а устата нивна произнесува горди зборови, и за корист стануваат умилкувачи —

Послание на апостол Павле до Римјаните

Павле го користи ова послание за да им објасни на христијаните како тој ја сфатил улогата на мисионер на нејудејците, односно паганите. Тој резимира: Евангелието е силата со која Бог се служи за да ги спаси сите оние кои веруваат, отпрвин Јудејците, но, исто така, и оние кои не се Јудејци.

Поуки / Мисли: Праведникот преку верата ќе живее — Со каков суд судиш, со таков се осудуваш сам, бидејќи ти, кој судиш, го правиш истото — Како е можно тоа да учиш други, а себе самиот да не се учиш? — Од маките се раѓа трпението; од трпението, пак – искуството, а од искуството – надеж — Кога се надеваме, се трпение го очекуваме — Не биди горделив. А ако сепак, се возгордееш, треба да знаеш дека ти не го држиш коренот, туку коренот тебе! (дива маслинка) — Љубовта нека не биде лицемерна — Не враќај зло за зло! — Имаш ли вера? Имај си ја за себе пред Бога!

Прво послание на апостол Павле до Коринтјаните

Апостол Павле напишал до оваа заедница најмалку четири посланија. Двете посланија кои се зачувани во Новиот Завет биле пишувани во текот на третото мисионерско патување на апостолот, првото од Ефес, а второто или од Ефес, или од Македонија. Во Првото послание, Павле ги повикува своите соговорници да ги надминат меѓусебните поделби, да го изгонат развратот надвор од заедницата. Тој прецизира како треба да го користат телото, по што одговара на разни прашања (за бракот, за консумирањето на месо, христијанските собири, воскресението…)

Поуки / Мисли: Не знаете ли вие дека сте храм Божји, и Духот Божји живее во вас? — Божјиот храм е свет, а тоа сте вие — Се ми е допуштено! Но не е се полезно — Не станувај роб на луѓе — Да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски, штом љубов немам, ќе бидам бакар, што ѕвони, или кимвал, што ѕвечи — Да имам пророчки дар и да ги знам сите тајни, да го имам сето знаење, а и така силна вера, што и планини да преместувам – ако љубов немам, ништо не сум — Љубовта е великодушна, не завидува, не е горделива, не е непристојна, не бара свое, не се срди, не памти зло, не се радува на неправдата, туку се радува на вистината, се покрива, во се верува, на се се надева, се поднесува — Љубовта никогаш не пропаѓа. А прорекувањата? Ќе минат. Јазиците? Ќе замолкнат. Знаењето? Ќе исчезне. Зошто само делумно спознаваме и само делумно пророкуваме — Остануваат: Верата, Надежта и Љубовта; најголема меѓу нив е љубовта.

Второ послание на апостол Павле до Коринтјаните

Преку ова послание се откриваат прилично напнатите односи меѓу Павле и христијаните од Коринт. Павле жестоко се осврнува кон оние кои го обвинуваат дека не е вистински апостол. Посланието завршува со еден краток заклучок.

Поуки / Мисли: Треба да му се прости на навредувачот — Кога сум слаб, тогаш сум силен! — Радувај се, усовршувај се, биди едномислен и живеј во мир!

Послание на апостол Павле до Галатјаните

Во ова послание Павле се повикува на личните искуства, неговото обраќање; согласноста што ја добил од управителите на црквата во Ерусалим, неговиот спор со апостол Петар за примената на оваа одлука (христијаните по потекло нејудејци не се подложни на јудејскиот Закон). Тој завршува со повик да се живее слободно под водство на Духот Божји, зошто Духот ги создава во човекот сите видови дарби, а пред се љубовта. Повик да се биде слободен од секое ропство.

Поуки / Мисли: Праведниот ќе живее преку верата! — И затоа ли станав ваш непријател, бидејќи ви ја зборував вистината? — Телото сака противни работи на духот, а духот – противни на телото; тие се спротивни еден на друг, за да не го правите она што сакате — Дела на телото: блудство, нечистотија, бесрамност, служење на идоли, магии, непријателство, кавги, гнев, раздори, расцепи, зависти, пијанства — Плодот на Духот е: љубов, радост, мир, долготрпеливост, благост, добрина, верност, кротост, воздржливост — Оној кој сам себе се смета за нешто, а не е ништо, тој се мами самиот себе — Секој нека ги испита делата свои и тогаш ќе има пофалба пред себе самиот, а не пред друг — Секој ќе го понесе својот товар — Што ќе си посее човекот, тоа и ќе си жнее, а кој сее во духот, од духот ќе пожнее вечен живот

Послание на апостол Павле до Ефесјаните

Централната тема на ова послание е вечниот Божји план, чија цел е да се соедини се небесно и земно под една глава – во Господ Исус Христос. Тој ја развил темата за единството и ги повикал читателите да живеат во тоа единство на начин достоен за нивниот нов живот. Апостолот илустративно го прикажува единството на Божјиот народ, служејќи се со три слики: (а), за телото – Црквата, чија глава е Исус; (б), со зградата, чиј камен темелник е Исус Христос и (в), со брачната двојка, при што Црквата е Христовата невеста.

Поуки / Мисли: Отстранете ја подалеку од вас секоја огорченост, јарост, гнев, викање и хулење заедно со секоја друга злоба — Плодот на светлината се состои во се што е добро, праведно и вистинито — Ползувајте го времето, зошто дните се лукави

Послание на апостол Павле до Филипјаните

На почетокот Павле ја изразува радоста и благодарноста што ја чувствува кога помислува на христијаните во Филипи. Тој ги повикува да се угледаат на неговиот начин на однесување. Писмото завршува со поттик, заблагодарување и поздрави.

Поуки / Мисли: Не правете ништо од честољубие или за празна слава — Не грижете се секој само за себе, туку и за другите — Правете се без мрморење и двоумење — Го заборавам она што е зад мене,  а се стремам кон она што е пред мене — Да го држиме она до кое достигнавме и по истото правило да продолжиме — Кротоста ваша нека им биде позната на сите луѓе — Мислете на она што е вистинско, чесно, праведно, чисто, што е љубезно, што е достојно за слава, на она што е добродетел, што е за пофалба, само на тоа мислете!

Послание на апостол Павле до Колосјаните

По поздравот и молитвата за благодарност кон Бога, првиот дел ја прави Христовата надмоќност. Веднаш потоа, апостолот го свртува вниманието на Колосјаните кон искушенијата во кои можат да западнат.

Поуки / Мисли: Отфрлете се од себе: гневот, лутината, злобата, хулењето, срамните зборови од својата уста — Не лажете се еден со друг!

Прво послание на апостол Павле до Солуњаните

Ова писмо е за поука на сите што ги вознемирува можноста за крајот на времињата. Тоа ги потсетува верниците дека најзначајно за нив е да бидат посведочени дека му припаѓаат на светот на светлината.

Поуки / Мисли: Утешувајте се меѓу себе и надградувајте се еден со друг — Живејте во мир меѓу себе! — Почитувајте ги неуредните, утешувајте ги малодушните, поткрепувајте ги слабите и бидете долготрпеливи кон сите — Не враќајте зло за зло — Радувајте се секогаш, молете се постојано, благодарете за се — Се испитувајте! — Клонете се од секакво зло! — Не гаснете го Духот!

Второ послание на апостол Павле до Солуњаните

Посланието има за цел да ги исправи погрешните замисли кои и создаваат неволји на Црквата во Солун. Централната содржина на посланието е славното доаѓање Христово. Апостолот енергично се зазема против однесувањето на мрзливците. Славната изрека “Кој не сака да работи, не треба повеќе ни да јаде”, го прави читателот претпазлив после прочитувањето на ова послание.

Поуки / Мисли: Цврстина во верата! — Поттик на молитва и работа — Кој не сака да работи, тој нека и не јаде!

Прво послание на апостол Павле до Тимотеј

Двете посланија упатени до Тимотеј, заедно со она упатено до Тит, традиционално се наречени “Пастирски посланија”, поради упатствата кои се во нив дадени. Првото посланија до Тимотеј е насочено кон три главни точки: (I), проверка против лажните учења, мешањето на јудејските и паганските идеи, кои некои луѓе ги пропагираат; (II), упатства во врска со обредите, организацијата во Црквата и поведените на одговорните луѓе; (III), совети упатени до Тимотеј.

Поуки / Мисли: Љубов од чисто срце, добра совест и нелицемерна вера — Се што е создадено од Бога е добро — Поучувај и советувај! — Биди благочестив и задоволен со себе — Коренот на сите зла е среброљубјето — Бегај од нечисти и празни разговори.

Второ послание на апостол Павле до Тимотеј

Апостолот го притиска Тимотеј да внимава на оние кои предизвикуваат празни расправии, кои не служат за ништо и оддалечуваат од верата. За сето време, читателите на посланието се повикуваат да ја бијат истата битка, без стравување од непријателството на противникот, во вера, стрпливост, љубов и истрајност.

Поуки / Мисли: Од непристојни и празни зборови бегај, зошто тие ги водат луѓето уште повеќе кон безбожност — Направи дело достојно на благовестител — Добро се борев, патот го завршив, верата ја запазив

Послание на апостол Павле до Тит

Тит добива совети кои се однесуваат на разни групи со кои тој се занимава во Црквата: старци, остарени жени, млади луѓе или слуги. Се прикажуваат должностите на христијаните, неопходноста да се живее во мир и да се одбегнуваат поделби.

Поуки / Мисли: За чистите е се чисто, а за неверните нема ништо чисто.

Послание на апостол Павле до Филимон

Забележлива е нежноста со која Павле му пишува на својот пријател Филимон. Тој не му дава никаква заповед, ништо не му наметнува, туку му раскажува исто како и на сите кои го читаат ова послание.

Поуки / Мисли: Љубовта ги преобразува сите човекови односи.

Послание на апостол Павле до Евреите

Посланието до Евреите е упатено до група христијани кои биле изложени на жестоко противење. Притоа, посебно се нагласени три вистини, и тоа: (I), Исус е вечниот Божји Син. Тој е над пророците и над ангелите, а поголем е и од Мојсеј; (II), Бог го прогласува Исус за вечен Првосвештеник, кој е над сите старозаветни свештеници и првосвештеници; (III), нашето спасение од гревот, стравот и смртта е можно само со вера во Господ Исус Христос.

Поуки / Мисли: Да се стремиме кон совршенство — Без пролевање на крв нема проштевање — Не напуштајте ја вашата слобода; таа ви носи голема награда — Верата е подлога за увереноста во она на кое се надеваме — Трпеливост во претстојната борба — Секоја казна во почетокот не се покажува за радост, туку за жалост; но потоа на оние што ќе се поучат од неа таа ќе им принесе мирен род на праведност

Откровение на апостол Јован

Оваа книга е пишувана во времето на силните прогони на христијаните, заради верата во Христос како Господ. Најголем дел од оваа книга се состои од неколку серии откровенија, напишани со јазик богат со симболи.

Поуки / Мисли: Кој со меч убива, од меч треба да биде убиен — Седум ангели, седум цркви, седум казни, седум труби, книга со седум печати, седум златни чаши полни со гневот на Бога.

 
Напишете коментар

Posted by на Јули 27, 2015 во Uncategorized

 

Ознаки: ,

Коментарите се затворени.