RSS

Создавањето на Евангелијата

02 Мај

Втора половина од I век на христијанствoто; тоа е времето кога се создадени Евангелијата. Во историјата на човештвото тоа време е забележано со големи потреси и крупни настани. Грозни символи за современиците на светите апостоли станале три големи катастрофи:

Година 64-та по Христа. Невиден пожар речиси целосно го уништил Рим. Подоцна ќе стане познато дека таа ужасна замисла ја извршил императорот Нерон, за да ги обвини христијаните, а потоа и да ги уништи.

Година 70-та. Римската војска го зазела Ерусалим. Се остварило разрушувањето на Старозаветниот Храм, како што претскажал Спасителот Христос.

Година 79-та. Пропаѓаат три градови на големата империја — Помпеја, Херкуланум и Стабиј, затрупани под лавата и пепелот од вулканот Везув.

Очевидец на настаните – Плиниј Помладиот, во писмо до историчарот Тацит вака пишувал за ерупцијата на Везув и затрупувањето на градовите: «Едни ја оплакуваа својата погибел, други молеа за смрт. Многумина креваа раце кон боговите, но мнозинството тврдеше дека боговите веќе ги нема никаде и дека за светот дошла последната вечна ноќ».

Тврдеји дека «боговите веќе ги нема…» вчерашните пагани во ужасот на војните и катаклизмите не забележале веднаш дека во светот се појавило и дејствува новото таинствено учење, што го проповедал Исус Христос. Тоа учење победува без принуда и насилство, тоа убедува без китни фрази и говорничка вештина. Тоа им предава на луѓето други вредности, кои на многумина им изгледаат чудни.

Евангелието вака раскажува за тоа:

…Еднаш тој се искачи на гората и, кога го обиколија неговите ученици, почна да говори:

«Кога го виде народот, Он се искачи на планината; а штом седна, Учениците Негови се приближија до Него.

И кога ја отвори устата Своја, ги поучуваше и говореше:

“Блажени се бедните по дух, зашто е нивно царството небесно!

Блажени се оние кои плачат, оти ќе се утешат!

Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата!

Блажени се гладните и жедни за правда, оти ќе се наситат!

Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани!

Блажени се чистите по срце, оти тие ќе Го видат Бога!

Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји!

Блажени се гонетите заради правда, бидејќи нивно е царството небесно!» (Мт 5, 1-10).

Заповедите од проповедта на гората остро се разликувале од старозаветните Мојсеови десет заповеди. Секоја заповед на Мојсеј претставува строга забрана: «Не убивај!», «Не кради!», «Не посакувај ја жената на својот ближен!», «Не изговарај го напразно името на твојот Бог!» Нарушувањето на заповедите — во буквалната смисла е «престап». Со тие закони – забрани од сите страни бил ограден старозаветниот јудеец.

Сосемa поинаку учи Христос. Не забрани — туку поттикнување кон добродетелност, не заплашување со казни, туку ветување на блаженства.

Притоа човечката етика, која дотогаш била вообичаена, буквално е свртена обратно. Зарем некој може да помисли дека е среќен, или на евангелскиот јазик кажано: «блажен» — не оној кој е богат, туку оној, кој е сиромашен? Не оној кој се смее, туку оној кој плаче? Според евангелското учење тоа е токму така. Уште повеќе, радоста и среќата се разбираат не како «награда» и «отплата», туку како природна состојба на човекот, кој има «чисто срце» и прави добро. Оној кој постапува според Христовите заповеди ќе биде награден со «блаженство» за направените добри дела и тоа не само во идниот живот. Самото исполнување на заповедите, самата таа, тешка до крвава пот работа, и е за христијанинот награда и блаженство.

Затоа: блажени се бедните… оние што плачат… гонетите…

Тешко е да се поверува дека тоа е напишано во времето на Калигула и Нерон, на римското освојување на Британија и на јудејската војна. Освен тоа, блаженствата не ги запишале големи писатели и философи, туку прости галилејски рибари, кои од неодамна биле повикани да станат апостоли, што значи «пратеници» — на новото учење. Се пишувало не во далечната Палестина, туку во Рим, Грција, Ефес — центрите на античката образованост.

Така, Евангелието според Марко било напишано од Евангелистот Марко во 62 г. во Рим. Многумина историчари сметаат дека тоа е напишано порано од другите евангелија.

Римската Црква во шеесетите години станала центар на далечното распространување на христијанското благовестие — пишува историчарот. И од Рим продолжил неговиот победоносен поход. Евангелието од Марко, кое е напишано во Рим, е најкратко и звучи како Евангелие на Победата».

Да видиме, воопшто, што е тоа Евангелие?

Дали е тоа историски документ? Или литературен жанр? Или можеби споменик на религиозната мисла?

Да, Евангелијата навистина се сето тоа! За древните елини зборот «Евангелие» првично озна¬чувал дар или награда за добра вест. Подоцна почнале така да ја нарекуваат самата добра вест.

Добра вест за христијаните е откровението за спасението, за Но¬виот Завет, т.е за новиот сојуз на Бога со човекот. Тоа е откровение за откупувањето на човештвото од власта на гревот што го извршил Божјиот Син Исус Христос, за неговото доброволно страдање и за Распнувањето, за смртта на Крст, за Воскресението и Вознесението.

Тоа откровението што било примено непосредно од Христовите ученици и апостоли се чувало усно во преданието на првите христијански општини и дури подоцна, по неколку децении, било запишано од апостолите.

Како можеле тие да ги зачуваат зборовите на Учителот во своето паметење? Во тоа се покажала таинствената сила на Евангелијата. Христос им ветил на ученицит: «Утешителот, Светиот Дух, ќе ви напомни сѐ што Јас ви говорев (Јн 14, 26)». Целиот Нов Завет сведочи дека се исполнило тоа ветување. Апостолите и Евангелистите само ни го предале она што им го н а п о м н и л Светиот Дух од животот и говорите на Учителот. Под дејство на благодатта — т.е. особената, божествена енергија — тие станале способни да го гледаат и разбираат дури и она што не го разбирале додека Исус Христос со тело бил меѓу нив. Тие, исто така, можеле точно и просто да им го предаваат тоа и на другите.

Ова својство на книгите на Новиот Завет се нарекува боговдахновеност.

Но, се разбира, во историска смисла Евангелијата се и споменици на своето време. Четирите евангелисти пишувале самостојно, секој за својот читател, сообразувајќи се со историските околности на проповедањето и особеностите на средината. Првите три евангелисти — Матеј, Марко и Лука во своето раскажување следат еден концепт: вовед, Крештевањето на Исус Христос, неговата проповед во Гали¬леја, патувањето во Ерусалим, настаните поврзани со крстните страдања и Воскресението. Тие Евангелија се наречени — синоптички, бидејќи даваат заедничко паралелно раскажување за животот на Исус Христос.

Евангелието според Јован се разликува од првите три. Тоа ги дополнува нив, како со фактиката содржина, така и со длабочината на философското учење. Јован се труди да говори речиси само за она, за што не е кажано кај другите Евангелисти. Впрочем, тој пишувал подоцна од сите, во длабока старост, на границата меѓу I и II век од нашата ера. Неговото значење во историјата и се состои во тоа што тој го завршил писменото творештво на Апостолската Црква. Како последен сведок и учесник на евангелските настани, Јован ја потврдил и осигурал вистинитоста на Евангелијата и на апостолските посланија што биле напишани пред него.

Евангелистите не си поставиле задача да го опишат буквално целиот живот и благовестието на Христос. Тие сакале да ни го пренесат најглавното: својата вера во Христа. На крајот од своето евангелие апостолот Јован сведочи: «Многу и друго направи Исус; но ако би се пишувало за тоа подробно, тогаш, мислам, и во целиот свет не би ги собрало напишаните книги». // Религиозная энциклопедия. История Православной Церкви

Извор: https://ortos.wordpress.com

 
Напишете коментар

Posted by на Мај 2, 2015 во Uncategorized

 

Ознаки: ,

Коментарите се затворени.