RSS

Monthly Archives: Јули 2015

СВЕТО ПИСМО – НОВ ЗАВЕТ

New Testament / Neue Testament / Но́вый Заве́т / Καινή Διαθήκη / Nya Testamentet / Novi zavjet / Yeni Ahit / Besëlidhja e Re / Новиот Завет

Новиот завет содржи 27 текста, напишани во периодот од 50 до 120 година. Тој содржи 4 евангелија, Дела апостолски, 21 послание и една апокалипса (Откровение Јованово).

 Евангелие според Матеј

Поуките од ова Евангелие можат да се поделат на 5 теми: (I) Проповедта на гората, која ги содржи смислата и целта на човековото постоење, правата, должностите и к-ките на жителите на Божјото Царство; (II) Упатствата до 12-тите Апостоли и задолженијата за нивната мисија; (III) споредби за Божјото Царство, (IV) Поуки за следбениците; (V) Поуки за последниот суд и за Небесното Царство.

Поуки / Мисли: Покајте се! — Направете плод достоен за покајание и немојте да говорите во себе! — Секое дрво што не дава добар плод, се сече и се фрла во оган — Човек не живее само од леб, туку и од секој збор што излегува од устата на Бога — Не искушувај! — Блажени се бедните по дух, оние што плачат, кротките, гладните и жедните за правда, милостивите, чистите по срце, миротворците, гонетите заради правда, блажени сте Вие кои ќе ве срамат и прогонуваат и кога лажно ќе говорат против Вас — Не колнете се воопшто — Не противете се на злото — Љубете ги непријателите свои, благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат и молете се за оние што ве навредуваат и гонат — Не ја покажувај својата праведност пред луѓето само за да бидете забележани, кога даваш милостина не разгласувај како што прават лицемерите — Моли се тајно! — Кога постиш, помажи ја главата своја и измиј го лицето свое — Собирајте си богатство на небото, зошто каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше — Не грижете се за утре, зошто утрешниот ден ќе се грижи за своето, на секој ден доволно му е неговото зло — Не судете, за да не ви се суди — Сакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори — Се она што сакате да ви прават луѓето, правете им го и вие — Тесни се вратите и тесен е патот што водат кон животот, и малкумина го наоѓаат — Пазете се од лажните пророци. По нивните плодови ќе ги познаете — Мудар човек е кој си изградил куќа од камен (вистински вредности) — Простувај! — Здравите немаат потреба од лекар, туку болните — Верувај! — Бесплатно добивте, бесплатно давајте! — Кога ќе ве предадат, не грижете се како или што ќе зборувате — Не плашете се! — Нема ништо сокриено што не ќе се открие, или тајно што нема да се дознае — Она што ви се говори во темнина, кажете го на видело; и она што ви се шепоти, разгласувајте го — Поради зборовите свои ќе бидеш оправдан, и поради зборовите свои ќе бидеш осуден — Целта на параболите: “Гледаат и не видуваат; слушаат и не можат да чујат, ниту пак, разбираат” (Исаија) — Она што излегува од устата, излегува од срцето и тоа го осквернува човекот — Каква полза е за човек ако го придобие целиот свет, а на душата своја и напакости — Молитва и пост — Ако не се обратите и не бидете како деца, нема да влезете во царството небесно — Не наведувај на грев (за соблазнувањата) — Простувај, како што ти опростуваат — Верувај, без сомнеж — Кој се воздигнува, ќе биде понижен; а кој се понизува, ќе биде воздигнат — Кој чита нека разбере! — Духот е бодар, но телото е слабо, молете се да не паднете во искушение.

Евангелие според Марко

Започнува со најавата за радосната вест за Исус Христос. Исус е прикажан како моќна и силна личност, отсликана во Неговите поуки, исцелувања, истерување на демони и опростување на гревови. Исус се претставува како Оној, Кој дојде да се жртвува за да ги ослободи луѓето од гревот. Ова е најкусо од сите четири Евангелија и претежно ги пренесува Исусовите дела, а не Неговото учење.

Поуки / Мисли: Здравите немаат потреба од лекар, туку болните. Не сум дошол да ги повикам праведниците, туку грешниците на покајание — Со каква мерка мерите, со таква ќе ви се мери, и ќе ви се придодаде — Кој има него ќе му се даде; а кој нема, од него ќе се одземе и она што го има — Кој сака да биде прв, нека биде последен од сите, и слуга на – сите.

Евангелие според Лука

И ова евангелие се одвива според следниот план: појавата на Јован Крстител како Исусов претходник, Исусовото крштевање… но за разлика од претходните две Евангелија Лука изнесува нови параболи и некои нови епизоди од Исусовиот живот. Лука го воведува читателот во дејството преку воведот посветен на родословието на Господ Исус и на Јован Крстител. Лука исто така ја покажува посебната љубов што Бог им ја истакнува на безначајните и малите луѓе, како и атмосферата на радост, благодарност и молитва што го придружуваат присуството на Евангелието.

Поуки / Мисли: Не барајте повеќе отколку што ви е одредено — Врз никого не вршете насилство, никого не клеветете и бидете задоволни со вашите плати — Ниеден пророк не е омилен во својата татковина — Може ли слеп да води слеп? — Оној што слуша и не исполнува, прилега на човек што изградил куќа на земја, без темели — Љубовта е пат до вечниот живот — Царството Божјо е во Вас внатре — Каде што е лешот, таму ќе се соберат и орлите — Кој нема да го прими царството Божјо како дете, тој нема да влезе во него — Молете се за да не паднете во искушение.

Евангелие според Јован

Евангелието според Јован Го прикажува Господ Исус Христос како Божјо Слово, Кое стана тело и живееше меѓу луѓето. Ова Евангелие го нагласува вечниот живот што се добива преку вера во Исус Христос. Јован ги запишал бројните поуки на Исус во кои се зборува преку параболи, односно споредби со секојдневните нешта.

            Поуки / Мисли: Секој човек најнапред го изнесува доброто вино, а кога ќе се поднапијат, тогаш полошото — Ако јас сведочам сам за себе, сведоштвото мое нема да биде вистинито — Работете не за храна што се расипува, туку за храна што останува за вечен живот — Кој говори самиот од себе, тој си ја бара својата слава — Не судете според надворешноста, туку судете со праведен суд! — Кој од вас е без грев, прв нека фрли камен на неа! — Вистината ќе ве ослободи — Секој што прави грев, роб му е на гревот — Тој е возрасен, него прашајте го! — Духовно слепило — Делата – сведочат — Љубете се еден со друг! — Положи ја душата своја за своите пријатели — Ако реков нешто лошо, докажи го лошото; ако ли, пак, добро – зошто ме удираш?

Дела на апостолите

Делото на Лука опфаќа две новозаветни книги (Евангелието и Дела на Апостолите). Делата на апостолите започнува со описот на Исусовото вознесение, со кое се инаугурира времето на Црквата, се бележи растежот на христијанските заедници, посебно преку мисијата на апостол Петар за ширење на христијанството. Книгата може да се подели на следниве целини: (I) почетоците на првата Црква во Ерусалим; (II) распространувањето на Евангелието меѓу другите народи, и (III) распространување на Евангелието во средоземноморскиот свет па се до Рим.

Поуки / Мисли: Зошто беснеат народите и луѓето намислуваат празни работи? — Не презирај — Не плаши се, туку продолжи да зборуваш и не замолкнувај — Поблажено е да се дава, отколку да се прими — Срцето на овие луѓе закоравело, та со ушите мачно слушаат, а очите свои ги затвориле, па никако со очите да не видат и со ушите да не чујат, и со срцето да не разберат, и да не се обратат.

Послание на апостол Јаков

Посланието е општо писмо упатено до христијаните од целиот свет. За апостол Јаков верата значи делување! Целата книга е серија на примери кои ја претставуваат верата покажана на дело, на мудар и практичен начин. Содржина: поздрави, живот во верата и мудроста, прифаќањето на Божјата порака, за богатиот и сиромавиот, мудрост и зборови, трпение, љубезност и молитва и предупредување против пријателството со светот.

Поуки / Мисли: Ако си сиромав, не очајувај! — Кога твојата вера е испитувана, не предавај се! — Не лути се лесно! — Не давај му предимство на богатиот пред сиромавиот! — Контролирај го твојот јазик и своите желби! — Предај се на Бога и управувај се според Неговата мудрост! — Биди трпелив и љубезен и моли се за оние кои имаат потреба од Божјата помош! — Оној кој се сомнева прилега на морски бран, кого ветрот го издига и го растура — Човек што се двоуми во сите свои патишта е непостојан — Бог не искушува, го искушува неговата похота која го влече и мами; откако ќе се зачне, раѓа грев, а гревот, извршен, раѓа смрт — Бидете извршители на словото, а не само слушатели — Ако некој од вас мисли дека е побожен, а не го зауздува јазикот свој, туку го мами срцето свое, неговата побожност е суетна — Не биди пристрасен — Без дела верата е мртва — Кој сака да му е пријател на светот му станува непријател на Бога — Бог се противи на горделивите, а на понизните им дава благодат — Животот е пареа, која се појавува за кратко време, па исчезнува.

Прво послание на апостол Петар

Послание упатено до христијаните во Мала Азија, кој апостол Петар ги нарекува “Божји избран народ”. Главна цел на посланието е да ги охрабри оние кои трпеле прогонства поради нивната вера во Христос. Покрај охрабрувањата за прогонетите, писателот ги поттикнува читателите да живеат со живот достоен за Христови следбеници.

Поуки / Мисли: Живејте во љубов! — Почитувајте го секого! — Не враќај зло за зло или навреда за навреда — Барај мир и стреми се кон него — Љубовта покрива многу гревови

Второ послание на апостол Петар

Главна тема на ова послание се лажните учења и неморалот кој од нив произлегува. Најдобриот начин за борба против лажните учења е определбата да се држиме до изворното учење.

Поуки / Мисли: Принесете кон верата своја добродетел, а кон добродетелта знаење, кон знаењето воздржување, кон воздржувањето трпение, кон трпението побожност, кон побожноста братољубивост, кон братољубивоста љубов

Прво послание на апостол Јован

Писателот се стреми кон двојна цел во своето послание: (I), да ги охрабри своите читатели да живеат во вистинско заедништво со Бога и со Христос, што треба да се изрази преку примената на братската љубов, и (II), да се борат против лажната наука што ја компромитира верноста во Евангелието. Според него, Бог е светлина – Бог е љубов. Да му се припаѓа на Бога значи да се љуби.

Поуки / Мисли: Бог е светлина! — Ако кажеме дека немаме грев, се лажеме самите себе — Не чудете се ако светот ве мрази — Да не се сакаме со зборови или со јазик, туку со дела и вистина — Кога нашето срце не не осудува, тогаш ние имаме слобода пред Бога — Бог е љубов! — Пазете се од идолите!

Второ послание на апостол Јован

Писателот ги охрабрува своите читатели да живеат во вистината и во љубовта, повикувајќи ги да бидат постојано будни и да бидат истрајни во вистинската вера.

Поуки / Мисли: Пазете се да не го изгубите она за кое сте се труделе, туку да добиете полна награда

Трето послание на апостол Јован

Судејќи според ова послание, дека гостопримството, дочекот резервиран за браќата е форма на љубов и на верност кон вистината.

Поуки / Мисли: Кој добро чини од Бога е; а кој прави зло, не го видел Бога — Разговор лице в лице — Мир за тебе!

Послание на апостол Јуда

Ова послание е наменето за оние кои се борат за грешните учења и против оние кои се истакнуваат со нивниот разврат. Ова послание ја открива и застрашувачката сила на лагата.

Поуки / Мисли: Тие се незадоволни викачи, кои живеат според своите желби, а устата нивна произнесува горди зборови, и за корист стануваат умилкувачи —

Послание на апостол Павле до Римјаните

Павле го користи ова послание за да им објасни на христијаните како тој ја сфатил улогата на мисионер на нејудејците, односно паганите. Тој резимира: Евангелието е силата со која Бог се служи за да ги спаси сите оние кои веруваат, отпрвин Јудејците, но, исто така, и оние кои не се Јудејци.

Поуки / Мисли: Праведникот преку верата ќе живее — Со каков суд судиш, со таков се осудуваш сам, бидејќи ти, кој судиш, го правиш истото — Како е можно тоа да учиш други, а себе самиот да не се учиш? — Од маките се раѓа трпението; од трпението, пак – искуството, а од искуството – надеж — Кога се надеваме, се трпение го очекуваме — Не биди горделив. А ако сепак, се возгордееш, треба да знаеш дека ти не го држиш коренот, туку коренот тебе! (дива маслинка) — Љубовта нека не биде лицемерна — Не враќај зло за зло! — Имаш ли вера? Имај си ја за себе пред Бога!

Прво послание на апостол Павле до Коринтјаните

Апостол Павле напишал до оваа заедница најмалку четири посланија. Двете посланија кои се зачувани во Новиот Завет биле пишувани во текот на третото мисионерско патување на апостолот, првото од Ефес, а второто или од Ефес, или од Македонија. Во Првото послание, Павле ги повикува своите соговорници да ги надминат меѓусебните поделби, да го изгонат развратот надвор од заедницата. Тој прецизира како треба да го користат телото, по што одговара на разни прашања (за бракот, за консумирањето на месо, христијанските собири, воскресението…)

Поуки / Мисли: Не знаете ли вие дека сте храм Божји, и Духот Божји живее во вас? — Божјиот храм е свет, а тоа сте вие — Се ми е допуштено! Но не е се полезно — Не станувај роб на луѓе — Да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски, штом љубов немам, ќе бидам бакар, што ѕвони, или кимвал, што ѕвечи — Да имам пророчки дар и да ги знам сите тајни, да го имам сето знаење, а и така силна вера, што и планини да преместувам – ако љубов немам, ништо не сум — Љубовта е великодушна, не завидува, не е горделива, не е непристојна, не бара свое, не се срди, не памти зло, не се радува на неправдата, туку се радува на вистината, се покрива, во се верува, на се се надева, се поднесува — Љубовта никогаш не пропаѓа. А прорекувањата? Ќе минат. Јазиците? Ќе замолкнат. Знаењето? Ќе исчезне. Зошто само делумно спознаваме и само делумно пророкуваме — Остануваат: Верата, Надежта и Љубовта; најголема меѓу нив е љубовта.

Второ послание на апостол Павле до Коринтјаните

Преку ова послание се откриваат прилично напнатите односи меѓу Павле и христијаните од Коринт. Павле жестоко се осврнува кон оние кои го обвинуваат дека не е вистински апостол. Посланието завршува со еден краток заклучок.

Поуки / Мисли: Треба да му се прости на навредувачот — Кога сум слаб, тогаш сум силен! — Радувај се, усовршувај се, биди едномислен и живеј во мир!

Послание на апостол Павле до Галатјаните

Во ова послание Павле се повикува на личните искуства, неговото обраќање; согласноста што ја добил од управителите на црквата во Ерусалим, неговиот спор со апостол Петар за примената на оваа одлука (христијаните по потекло нејудејци не се подложни на јудејскиот Закон). Тој завршува со повик да се живее слободно под водство на Духот Божји, зошто Духот ги создава во човекот сите видови дарби, а пред се љубовта. Повик да се биде слободен од секое ропство.

Поуки / Мисли: Праведниот ќе живее преку верата! — И затоа ли станав ваш непријател, бидејќи ви ја зборував вистината? — Телото сака противни работи на духот, а духот – противни на телото; тие се спротивни еден на друг, за да не го правите она што сакате — Дела на телото: блудство, нечистотија, бесрамност, служење на идоли, магии, непријателство, кавги, гнев, раздори, расцепи, зависти, пијанства — Плодот на Духот е: љубов, радост, мир, долготрпеливост, благост, добрина, верност, кротост, воздржливост — Оној кој сам себе се смета за нешто, а не е ништо, тој се мами самиот себе — Секој нека ги испита делата свои и тогаш ќе има пофалба пред себе самиот, а не пред друг — Секој ќе го понесе својот товар — Што ќе си посее човекот, тоа и ќе си жнее, а кој сее во духот, од духот ќе пожнее вечен живот

Послание на апостол Павле до Ефесјаните

Централната тема на ова послание е вечниот Божји план, чија цел е да се соедини се небесно и земно под една глава – во Господ Исус Христос. Тој ја развил темата за единството и ги повикал читателите да живеат во тоа единство на начин достоен за нивниот нов живот. Апостолот илустративно го прикажува единството на Божјиот народ, служејќи се со три слики: (а), за телото – Црквата, чија глава е Исус; (б), со зградата, чиј камен темелник е Исус Христос и (в), со брачната двојка, при што Црквата е Христовата невеста.

Поуки / Мисли: Отстранете ја подалеку од вас секоја огорченост, јарост, гнев, викање и хулење заедно со секоја друга злоба — Плодот на светлината се состои во се што е добро, праведно и вистинито — Ползувајте го времето, зошто дните се лукави

Послание на апостол Павле до Филипјаните

На почетокот Павле ја изразува радоста и благодарноста што ја чувствува кога помислува на христијаните во Филипи. Тој ги повикува да се угледаат на неговиот начин на однесување. Писмото завршува со поттик, заблагодарување и поздрави.

Поуки / Мисли: Не правете ништо од честољубие или за празна слава — Не грижете се секој само за себе, туку и за другите — Правете се без мрморење и двоумење — Го заборавам она што е зад мене,  а се стремам кон она што е пред мене — Да го држиме она до кое достигнавме и по истото правило да продолжиме — Кротоста ваша нека им биде позната на сите луѓе — Мислете на она што е вистинско, чесно, праведно, чисто, што е љубезно, што е достојно за слава, на она што е добродетел, што е за пофалба, само на тоа мислете!

Послание на апостол Павле до Колосјаните

По поздравот и молитвата за благодарност кон Бога, првиот дел ја прави Христовата надмоќност. Веднаш потоа, апостолот го свртува вниманието на Колосјаните кон искушенијата во кои можат да западнат.

Поуки / Мисли: Отфрлете се од себе: гневот, лутината, злобата, хулењето, срамните зборови од својата уста — Не лажете се еден со друг!

Прво послание на апостол Павле до Солуњаните

Ова писмо е за поука на сите што ги вознемирува можноста за крајот на времињата. Тоа ги потсетува верниците дека најзначајно за нив е да бидат посведочени дека му припаѓаат на светот на светлината.

Поуки / Мисли: Утешувајте се меѓу себе и надградувајте се еден со друг — Живејте во мир меѓу себе! — Почитувајте ги неуредните, утешувајте ги малодушните, поткрепувајте ги слабите и бидете долготрпеливи кон сите — Не враќајте зло за зло — Радувајте се секогаш, молете се постојано, благодарете за се — Се испитувајте! — Клонете се од секакво зло! — Не гаснете го Духот!

Второ послание на апостол Павле до Солуњаните

Посланието има за цел да ги исправи погрешните замисли кои и создаваат неволји на Црквата во Солун. Централната содржина на посланието е славното доаѓање Христово. Апостолот енергично се зазема против однесувањето на мрзливците. Славната изрека “Кој не сака да работи, не треба повеќе ни да јаде”, го прави читателот претпазлив после прочитувањето на ова послание.

Поуки / Мисли: Цврстина во верата! — Поттик на молитва и работа — Кој не сака да работи, тој нека и не јаде!

Прво послание на апостол Павле до Тимотеј

Двете посланија упатени до Тимотеј, заедно со она упатено до Тит, традиционално се наречени “Пастирски посланија”, поради упатствата кои се во нив дадени. Првото посланија до Тимотеј е насочено кон три главни точки: (I), проверка против лажните учења, мешањето на јудејските и паганските идеи, кои некои луѓе ги пропагираат; (II), упатства во врска со обредите, организацијата во Црквата и поведените на одговорните луѓе; (III), совети упатени до Тимотеј.

Поуки / Мисли: Љубов од чисто срце, добра совест и нелицемерна вера — Се што е создадено од Бога е добро — Поучувај и советувај! — Биди благочестив и задоволен со себе — Коренот на сите зла е среброљубјето — Бегај од нечисти и празни разговори.

Второ послание на апостол Павле до Тимотеј

Апостолот го притиска Тимотеј да внимава на оние кои предизвикуваат празни расправии, кои не служат за ништо и оддалечуваат од верата. За сето време, читателите на посланието се повикуваат да ја бијат истата битка, без стравување од непријателството на противникот, во вера, стрпливост, љубов и истрајност.

Поуки / Мисли: Од непристојни и празни зборови бегај, зошто тие ги водат луѓето уште повеќе кон безбожност — Направи дело достојно на благовестител — Добро се борев, патот го завршив, верата ја запазив

Послание на апостол Павле до Тит

Тит добива совети кои се однесуваат на разни групи со кои тој се занимава во Црквата: старци, остарени жени, млади луѓе или слуги. Се прикажуваат должностите на христијаните, неопходноста да се живее во мир и да се одбегнуваат поделби.

Поуки / Мисли: За чистите е се чисто, а за неверните нема ништо чисто.

Послание на апостол Павле до Филимон

Забележлива е нежноста со која Павле му пишува на својот пријател Филимон. Тој не му дава никаква заповед, ништо не му наметнува, туку му раскажува исто како и на сите кои го читаат ова послание.

Поуки / Мисли: Љубовта ги преобразува сите човекови односи.

Послание на апостол Павле до Евреите

Посланието до Евреите е упатено до група христијани кои биле изложени на жестоко противење. Притоа, посебно се нагласени три вистини, и тоа: (I), Исус е вечниот Божји Син. Тој е над пророците и над ангелите, а поголем е и од Мојсеј; (II), Бог го прогласува Исус за вечен Првосвештеник, кој е над сите старозаветни свештеници и првосвештеници; (III), нашето спасение од гревот, стравот и смртта е можно само со вера во Господ Исус Христос.

Поуки / Мисли: Да се стремиме кон совршенство — Без пролевање на крв нема проштевање — Не напуштајте ја вашата слобода; таа ви носи голема награда — Верата е подлога за увереноста во она на кое се надеваме — Трпеливост во претстојната борба — Секоја казна во почетокот не се покажува за радост, туку за жалост; но потоа на оние што ќе се поучат од неа таа ќе им принесе мирен род на праведност

Откровение на апостол Јован

Оваа книга е пишувана во времето на силните прогони на христијаните, заради верата во Христос како Господ. Најголем дел од оваа книга се состои од неколку серии откровенија, напишани со јазик богат со симболи.

Поуки / Мисли: Кој со меч убива, од меч треба да биде убиен — Седум ангели, седум цркви, седум казни, седум труби, книга со седум печати, седум златни чаши полни со гневот на Бога.

 
Напишете коментар

Posted by на Јули 27, 2015 во Uncategorized

 

Ознаки: ,

СВЕТО ПИСМО – СТАР ЗАВЕТ (7)

32. Исаија

Пророкот Исаија бил Божји гласник меѓу Јудејците околу 40 години. За тоа време во Јудеја се изредиле четири цареви. Книгата има 66 глави и може да се подели на три дела. Првиот дел ја истакнува Божјата светост и сила; вториот дел е наречен и утеха за Израил, дел во кој Господ им се обраќа на народот кој веќе е казнет и обесхрабрен; третиот дел се однесува  на периодот  по враќањето од ропството во Вавилон

Поуки / Мисли:

***** Не жртви, туку правда. Научете се да правите добро, барајте правда, спасувајте угнетен, заштитувајте сирак, застапувајте се за вдовица ***** Она што е висококај луѓето, ќе се понизи ***** ВРЕМЕ ЗА ПЛАЧЕЊЕ (Господ Бог Саваот ве викаше на тој ден да плачете и да тагувате, да се истрижете и да се облечете во вреќиште / Но, ете, веселба и радост! Убиваат волови и колат овни; јадат месо, пијат вино и велат: Да јадеме и да пиеме, зашто утре ќе умреме! / и ми откри во ушите Господ Саваот: Нема да ви биде простен тој грев додека не умрете, рече Господ Бог Саваот) ***** Понизи ја гордоста ***** Дух на правосудие за оној што седи во судот и снага за оние кои го отфрлаат  непријателот од портите ***** Ако останевте на местото и мирувавте, ќе се спасевте; во кротката надеж е вашата сила ***** Кажете им на плашливите со дух: бидете цврсти, не плашете се ***** Ти се видел многу, но не си забележувал; ушите ти биле отворени, но не си слушал ***** Јас сум истиот, јас сум првиот и јас сум последниот ***** Скршено срце и понизен дух ***** Викај со сиот глас, не воздржувај се; крени го гласот како труба, укажи му на народот мој на беззаконието негово, и на домот Јаковов – гревовите негови ***** КАЗНА ЗА ЛАЖНА СВЕТОСТ (Викај со сиот глас, не се воздржувај; крени го гласот како труба, укажи му на народот Мој на беззаконието негово, и на домот Јаковов – гревовите негови.
/ Тие секој ден Ме бараат и сакаат да ги знаат Моите патишта, кои како народ, божем постапува праведно и не ги остава законите на својот Бог; сакаат од мене праведен суд, сакаат да се приближат до Бога: / „Зашто ние постиме, велат, а Ти не гледаш; ги измачуваме душите свои, а Ти не сакаш да знаеш” – Ете, кога постите, вие ја исполнувате својата волја и од другите барате тешки трудови. / Ете, вие постите за караници и расправии и за да ги биете со рака сиромасите; вие не постите во тоа време така, што гласот ваш да биде чуен во висините. / Таков ли е постот, што Јас го определив: човек да ја изнемоштува душата своја во денот кога ја наведнува главата како трска и под себе постила вреќиште и пепел? Тоа ли ќе го наречеш пост и ден угоден на Господа? / Ете го постот, што го избрав: раскини ги оковите на неправдата, одврзи ги врските на јаремот, и угнетените пушти ги на слобода и скрши го секој јарем; / раздели го лебот свој со гладните, и скитниците сиромаси одведи ги во домот свој; ако видиш гол, – облечи го, и од еднокрвниот не се криј. / Тогаш твојата светлина ќе се јави како зора, и твоето здравје наскоро ќе процути, твојата правда ќе тргне пред тебе и славата Господова ќе те придружува. / Тогаш ти ќе повикаш – и Господ ќе те чуе, ќе извикаш – и Он ќе рече: „Еве Ме.” Кога ќе го отстраниш од себе јаремот, кога ќе престанеш да креваш прст и да говориш лошо, / кога ќе му ја дадеш на гладниот душата своја и ќе ја нахраниш душата на страдалникот, – тогаш твојата светлина ќе изгрее во темнината, и мракот твој ќе биде како пладне; / и Господ секогаш ќе ти биде водач, а и во време на суша ќе ја наситува душата твоја и ќе ги крепи коските твои; ти ќе бидеш како градина напоена со вода и како извор, чии води никогаш не пресушуваат. / Тогаш твоите потомци ќе градат врз стари урнатини: ти ќе ги востановиш основите на многу поколенија, и ќе те викаат обновител на урнатини, градител на патишта за населби. / Ако заради саботата ја воздржиш ногата своја да ги исполнува желбите на твоето срце во светиот Мој ден, и ако ја нарекуваш саботата радост, свет ден Господов, ако ја празнуваш и ако ја почитуваш со тоа да не се занимаваш со обичните работи, да им угодуваш на своите грешни желби и да празнословуваш, – / тогаш ќе имаш радост во Господа, а Јас ќе те искачам на височини земни и ќе ти дадам да вкусиш од наследството на Јакова, твојот татко: устата на Господа го изрече тоа.) ***** О, Вие што го споменувате Господа, не замолкнувајте ***** Денот за одмазда е во срцето мое

33. Еремија

Својата служба на Божји гласник меѓу луѓето, Еремија ја започнал во раната младост (на 20 годишна возраст) и ја продолжил се до 586 година пред Христос, кога Вавилонците го освоиле Ерусалим. Бил присилен да замине со дел од својот народ во Египет.

Со помош на својот пријател Варух, Еремија ги запишал повеќето пораки кои ги добил од Господ.

Поуки / Мисли:

***** Нашите ограничени способности не се пречка за Бога ***** Тие ќе војуваат против тебе, но нема да те победат; зашто јас сум со тебе, за да те избавувам – вели Господ ***** Измиј го злото од срцето свое, Ерусалиме, за да се спасиш: до кога ќе борават во тебе злосторнички мисли? ***** Нажален сум до дното на срцето свое, се бранува во мене срцето мое, не можам да молчам; зашто ти слушаш душо моја, звук од труба, воен повик ***** Мудриот да не се фали со мудроста своја, силниот да не се фали со силата своја, богатиот да не се фали со богатството свое ***** Обичаите на незнабошците се суетни, тие не можат да направат зло, но и добро не можат да направат ***** Патот на човекот не зависи од него, не е во власта на оној кој оди да ги исправа стапките свои ***** Па ќе повикате по мене, ќе дојдете и ќе ме замолите и јас ќе ве чујам; ќе ме побарате и ќе ме најдете, ако ме побарате од срце ***** Нека не ослабува срцето ваше и не плашете се од гласот, што ќе се чуе по земјата.

34. Плачот на Еремија

Оваа книга содржи пет поеми во кои се изразува длабоката тага поради разорувањето на Ерусалим. На пророкот му е јасно дека жителите на Ерусалим се казнети поради нивните гревови, но смета дека казната е поголема од онаа што тие ја заслужиле.

35. Послание на Еремија

Посланието упатено од пророкот Еремија кон оние што заминале за Вавилон. Наменето било за неколкуте јудејски општини во Сирија, кои биле изложени на силни репресии од страна на династијата на Селевкидите.

36. Варух

Дело на соработникот на Еремија. Делото е составено од четири одделни тематски целини, кои по се изгледа не се пишувани од ист писател.

Поуки / Мисли:

***** Научи каде се наоѓа мудроста, каде е силата, и каде е остроумноста, па заедно со тоа да разбереш во што е долговечноста и животот, и каде се наоѓа светлината на очите и мирот.

37. Езекил

Езекил бил и пророк и свештеник во ерусалимскиот храм и еден од прогонетите во Вавилон. Кога Господ му ги пренесува своите пораки на Езекил, тој му се обраќа со “сине човечки”. Книгата може да се подели на пет дела: (1), видението на Езекил во кои ја видел славата Господова и бил повикан за пророк; (2), предупредувањето до народот дека ќе биде казнет од Господ; (3), Божјата казна врз околните народи; (4), пораки на надеж, по падот на Ерусалим; и (5), видението за нов храм во Ерусалим.

Поуки / Мисли:

***** Бидејќи кажувате суета и гледате во виденијата лага, јас сум против вас – вели Господ Бог ***** Секој е одговорен за своите сопствени гревови ***** Во твојата нечистотија има таква гадотија, што колку и да те чистам ти сеуште ќе останеш нечист; од твојата нечистотија ти и во иднина нема да се очистиш, се додека не се исполни гневот мој врз тебе ***** Секој има лична одговорност ***** Тие ги слушаат твоите зборови, но не ги исполнуваат.

38. Даниил

Книгата може да се подели на два дела: во првиот дел се опишуваат доживувањето на младите Јудејци откако зазеле видни места во вавилонската власт, како и нивната верност кон Господ; во вториот дел Даниил опишува неколку виденија што тој ги имал и објаснувањата за нив дадено од Ангелите.

Поуки / Мисли:

***** Нека е благословено името на Господ од века и довека, зашто во него има мудрост и сила.

39. Осија

Осија бил пророк во северното царство, Израил, во последните години од неговото постоење како слободна и независна држава. Во првите три глави од оваа книга, семејниот живот на Осија е употребен како слика на пораката што Осија треба да му ја пренесе на народот. Преостанатиот дел од книгата го нагласува Божјиот завет со Израил, а Господ ги става пред суд Израил и Јуда, обвинувајќи ги за неверство кон заветот со Бога.

Поуки / Мисли:

***** Јас повеќе сакам милост, отколку жртва, и познавање на Бога, а не жртва сепаленица ***** Сејте правда – па ќе жнеете милост.

40. Јоил

Јоил бил пророк во Израил во IV или V век пред Христос. Во негово време роеви скакулци ги пустошеле земјоделските насади. Тој ја употребил ситуацијата со скакулците за да објави дека вистинска армија ќе го нападне Израил. Ако народот се покае за своите гревови Господ ќе им се смилува, ќе им прости и повторно ќе ги благослови.

41. Амос

Амос не бил школуван пророк, но Господ го повикал да ја пренесе неговата порака за Израилците. Тој најпрвин ги осудува соседните народи, а потоа и Израил. Тоа особено се однесувало на богатите кои ја користеле својата моќ да ги ограбуваат сиромасите и да ги претвараат во свои робови.

Поуки / Мисли:

***** Жед за слушање зборови Господови *****

42. Авдиј

Авдиј бил пророк за кој не се знае многу. Неговото име означува богослужител, име кое било вообичаено во древниот Израил. Книгата содржи само една глава во која пишува за Едомците и нивното сурово однесување кон Божјиот народ.

Поуки / Мисли:

***** Како си правел, така и ќе ти се прави; отплатата ќе падне на твојата глава.

43. Јона

Во оваа книга се раскажува за обидот на пророкот Јона да избега од Божјата служба. Пораката што Јона требало да ја проповеда се состоела од само една реченица. Оваа книга има за цел да истакне дека Господ е добар и милослив и дека повеќе сака да простува, отколку да казнува.

44. Михеј

Михеј пророкувал во периодот од 740 до 700 година пред Христос. Важни моменти во оваа книга се најавите за сеопшт мир под Божјото водство и претсткажувањата за великиот цар, Исус Христос, кој ќе произлезе од семејната лоза на царот Давид.

Поуки / Мисли:

***** Работи праведно, сакај милосрдни дела и понизно врви пред твојот Бог ***** Морам да го поднесам гневот Господов – зашто сум згрешил пред Него – додека не го реши делото мое и не ја изрече правдата; тогаш Тој ќе ме изведе на светлина и јас ќе ја видам правдата негова.

45. Наум

Наум зборува за Божјата милост и добрина, но само кон оние што го почитуваат Бога. Исто така, оваа книга упатува на еден од начините на кои Господ покажува милост кон своите.

46. Авакум

Авакум бил потресенод суровоста на Вавилонците и го прашува Господа, зошто не реагира на ваквите неправди? Господ му одговара дека тој тоа ќе го стори кога за тоа ќе дојде време, а праведните дотогаш ќе живеат преку вера.

Поуки / Мисли:

***** Гордата душа ќе пропадне, а праведникот ќе живее преку верата ***** Тешко му на оној што без мерка се збогатува и тоа не со свое ***** Бидејќи си ограбил многу народи, и тебе ќе те ограбат сите други народи ***** Внатрешноста моја затрепери ***** Вера и во зло време

47. Софонија

Пророкот Софонија живеел во втората половина на VII век пред Христос. Тој посетувал дека покрај паганските народи ќе биде казнет и Ерусалим.

48. Агеј

Оваа книга претставува збирка од повеќе куси пораки од Господ упатени кон Агеј во 520 година пред Христос. Господ, преку пророк Агеј, им порачува дека треба да го обноват Божјиот храм

Поуки / Мисли:

***** Преиспитајте ги своите патишта! *****

49. Захарија

Книгата на пророкот Захарија се состои од три дела: (1), се опишани осум виденија кои се однесуваат на обновата на ерусалимскиот храм, на очистувањето на народт и на месијанската ера претсткажана во иднина; (2), се говори за казната што ќе им дојде од Господ на сите што му се неверни; и (3), ги пренесува пораките од Господ до Захарија, а кои се однесуваат на иднината.

Исто така, Господ им ветува дека еден ден тој ќе им подигне цар – Месија. Евангелистите Матеј и Јован ги цитираат овие делови од книгата и ги применуваат на Исус Христос.

Поуки / Мисли:

***** Извршувај суд праведен и имај милост и сочуство ***** И како што викав јас, а тие не слушаа, викаа и тие, но јас не ги слушав, вели Господ Саваот.

50. Малахија

Пророкот Малахија ги повикува народот и свештениците да принесуваат праведни жртви и да бидат верни кон Бога во извршувањето на своите завети. Господ ќе дојде да суди и да го прочисти својот народ, испраќајќи гласник да го приготви патот и да објави нов завет помеѓу Бога и луѓето.

Поуки / Мисли:

***** Помнете го Законот на Мојсеј, како и правилата и наредбите *****

 
Напишете коментар

Posted by на Јули 26, 2015 во Uncategorized

 

Ознаки: ,

СВЕТО ПИСМО – СТАР ЗАВЕТ (6)

26.Јов

 Книгата Јов започнува со Јов, човек со беспрекорна вера и презадоволен од животот; но дали по низата страдања тој ќе му остане верен на Бога. Но, кој е всушност Бог? На крајот од книгата, Бог самиот се јавува но наместо да даде одговор Тој самиот прашува. Тогаш Јов ја осознава својата грешка: тој зборувал за Бог, без да знае на вистината кој е Бог. Бог потврдува дека само Јов коректно зборувал за него. Книгата ни помага да се ослободиме од погрешните претстави за Бога, уништувајќи ги нашите предрасуди.

Поуки / Мисли:

***** Гол излегов од утробата на мајка ми, гол и ќе се вратам. Господ даде, Господ зеде ***** Зар доброто да го примиме од Бога, а злото да не го поднесуваме ***** Човекот се раѓа за да страда, како и искрите – за да летаат угоре ***** Ќе легнеш во гроб кога ќе стигнеш до зрелост ***** Дните мои се само суета ***** Мудриот сам за себе е полезен ***** Каде се наоѓа мудроста, и каде е местото на разумот ***** Стравот Господов е вистинска мудрост, а одбегнувањетоод зло е разумот ***** Мудри по срце ***** Кој е тој што го замрачува провидението со зборови без смисла?

27. Изреки

Збирка на мудри кажувања од кои повеќето му се препишуваат на Соломон. Главниот акцент во книгата е даден на моралните поуки, а поделени се во три целини.

Поуки / Мисли:

***** Запази ја мудроста и разумот ***** Од гордоста произлегува кавга ***** Мудроста е во оние што примаат совет ***** Човекот размислува од срцето свое, но одговорот на јазикот е од Господ ***** Предај ги делата свои на Господ, и твоите намери ќе се исполнат ***** Долготрпеливиот е подобар од храбриот и кој владее со себе подобар е и од освојувач на градови ***** Во срцето на човекот има многу мисли, но се извршува само определената од Господ.

28. Проповедник

Книгата фактички ни открива дека среќата е краткотрајна и дека човековите напори да ја придобијат се најчесто бесполезни. Потврдувањето и напорите на човекот постојано се повторуваат; опасноста од смртта и неправдата меѓу луѓето ја прави судбината на човекот сосема несигурна. Нема вистинска вера во Бога без јасен поглед врз прашањето за човековото однесување.

Поуки / Мисли:

***** Суета над суетите – се е суета ***** Секоја работа бара труд: човекот не може се да искаже; окото не се наситува од гледање, ниту увото може да се наслуша ***** Она што било, пак ќе биде, и она што се правело, пак ќе се прави – нема ништо ново под сонцето ***** Се има свое време ***** Кога секој човек ќе јаде и пие, и го гледа доброто во секој свој труд, тоа е дар Божји ***** Она што било, тоа е и сега, и она што ќе биде, тоа веќе било ***** Секој труд и секој успех во работите предизвикува меѓу луѓето заемна завист ***** Не брзај да изговориш зборови пред Господ ***** Гласот на глупавиот се познава од многуте зборови ***** Она што си го ветил, изврши го. Подобро е да не ветуваш, отколку да ветиш и да не го извршиш *****Каков што дошол, така и си заминува ***** Подобро е да слушаш прекор од мудар, отклоку да слушаш пофалби од глупав ****** За секој и за сите е едно ***** Имај страв од Бога и пази ги неговите заповеди.

29. Песна над песните

Збирка песни во која се опева љубовта и каде чувствата на двајца вљубени се изразуваатво вид на поезија. Љубовта е дар Божји. Разни имиња (лица или групи) настојуваат да се мешаат во љубовта меѓу двајцата вљубени. Но таа љубов им припаѓа ним; таа е дар Божји за оние што се љубат.

30. Мудрост Соломонова

Првиот дел од книгата претставува споредбено размислување во врска со судбината на верните и безбожните. Во вториот дел се пофалува мудроста. Таа им е непоходна на сите, а особено на оние што ја имаат одговорноста да управуваат со народите.

Поуки / Мисли:

***** Со праведни мисли, мислете на Господ барајте го со душевна чистота на своето срце ***** Господ Бог го наоѓаат оние што не го искушуваат ***** Правдата е бесмртна! ***** Не искушувај! ***** Чесната старост не е во долговечноста, ниту се мери со бројот на годините ***** Оние кои со светост го чуваат светото, и самите ќе се осветат ***** Почетокот на мудроста е твојата најискрена желба да учиш, а копнежот за учење – љубов спрема мудроста; а да ја љубиш значи да ги сакаш нејзините закони; а да ги пазиш нејзините закони тоа е залог за твојата бесмртност, а бесмртноста доближува до Бога; за тоа копнежот кон мудроста издигнува до царство ***** Оној што копнее од завист, нема ништо заедничко со мудроста ***** Бог е извор на мудроста ***** Мудроста почнува на умереност и разумност, на справедливост и храброст ***** Молитва за мудрост ***** Одвај можеме да го сфатиме она што е на земјата, со мака го разбираме и она што е во нашите раце, а што има на небесата – кој проверил? ***** Со што некој греши – со тоа и се казнува ***** Сите луѓе по природа се суетни, оние кои не го спознале Бога ***** Ако можеле да придобијат толкаво знаење така што можеле да го проучуваат привремениот свет, зошто тогаш веднаш не го нашле неговиот Господар? ***** Бог ги создал силите кои некои ги почитуваат како богови: на огнот, на ветрот, на подвижниот воздух, на ѕвездениот круг, на силните води и на небесните светила ***** Стравот е лишување од помошта што ја дава здравото размислување ***** Огнен светол столб како водач по непознатиот пат, благо сонце за среќно патување.

31. Мудрост Сирахова

Оваа книга е да го заштити културното и религиозното наследство на Евреите, наследено од претходните генерации. Оваа поучна книга е поделена на пет дела. Книгата е дело на Исус, синот Сирахов, член на Советот на мудрите (Големиот Кнесет)

Поуки / Мисли:

***** Трпеливиот човек владее со себе ***** Ако сакаш да му служиш на Господа, приготви ја душата своја за искушение ***** Прифати се што и да ти се случи; биди трпелив и во променливостите на твоето понижување, зашто како што златото се испробува во оган, така божјите избраници се проверуваат во фурната на понижувањето ***** Срамот на твојот татко не може да биде чест за тебе ***** Колку си поголем, толку повеќе биди понизен ***** Не барај го она што е преголемо и претешко за тебе; не истражувај го она што е над твоите сили *****Кој ги сака опасностите – ќе падне во нив ***** Има срам што вод кон грев, а има срам што води кон слава и благодат ***** Бори се до смрт за Вистината, и Господ Бог ќе се бори за тебе ***** Во јазикот на човекот е неговата пропаст ***** Зошто се гордеат правот и пепелта – кога уште додека се живи утробата им е нечиста? ***** Не препирај се за работи што не те засегаат; во расправии меѓу грешници не мешај се ***** Во време на добро злото се заборава; во време на зло за добро не се зборува ***** По децата свои се познава човекот ***** Подобро е бездетен да умреш, отколку безбожни деца да имаш ***** Кога човекот помисли дека нешто завршил, тоа е само почеток, а штом престане – збунет е како и секогаш ***** Некој греши со зборови, но не и со душа; а кој не згрешил со својот јазик? ***** Подобро е сиромашен со знаење, но со страхопочит кон Господ, отколку богат со знаење, а да го прекршува Законот ***** МОЛИТВА ЗА ВЛАДЕЕЊЕ СО СЕБЕ (Кој да ми даде стража за устата моја и печат на разумот врз усните мои, та да не паднам поради нив и јазикот мој да не ме погуби / Господи, Оче небесни и Господаре на мојот живот не оставај ме на нивната волја, не оставај поради нив да пропаднам / Кој ќе ми биде камшик на моите мисли и на срцето мое – учител за мудрост, та да биде немилосрден спрема моите постапки и да нема милост кон нивните заблуди; / та гревовите мои да не се намножуваат, и заблудите мои да не станат многу, та да паднам пред моите противници и да се радуваат моите непријатели. / Господи, Оче и Боже на животот мој, не давај очите мои да возгордеат, / отстрани ги од мене сите грешни желби / Желбите на стомакот и на сладострастите да не надвладеат над мене, на душа бесрамна не предавај ме) ***** Ако ништо не си собрал во младоста, како можеш да го имаш во староста? ***** Вистината им се открива на оние што со неа живеат ***** Кога човек човека го мрази, како можеод Господа исцелување да бара ***** Кажи го главното, кажи многу со малку зборови; биди како оној што многу знае, а умее да молчи ***** Се што е создадено, своја цел има ***** Се во свое време ќе биде признато за добро ***** Каква е ползата од сокриена мудрост и закопано богатство? ***** Се е двојно, едно спроти друго ***** Бог е се! ***** Многу славни дела Господ објави преку славните луѓе од минатото: Енох (образец за покајание на сите поколенија); Ное (совршен праведник); Авраам (големиот татко на многу народи, го запази Законот на Севишниот и во искушенијата верен се покажа); Исак и Јаков (ја добија земјата во наследство и ја разделија на 12 племиња); Мојсеј (удостоен да го слуша гласот Божји и лице во лице ги доби заповедите, Законот на животот и знаењето); Арон (свештеничка власт); Финес (со душа смел и со чиста душа, со него бил направен завет за мир да биде раководител на светилиштето); Исус и Калев (голем избавител на Божјите избраници); Судиите (срца верни на Господа); Самоил (според Законот на Господ тој му судеше на народот, а по својата вера беше вистински пророк); пророкот Натан и царот Давид; Соломон (мудрост); Ровоам и Јеровоам (гревовите нивни толку се намножија, така што од земјата своја истерани беа); Илија (блажени се оние коишто те видоа и оние коишто со љубов се украсија); Елисеј (Илија во огнен виор сокриен беше, а Елисеј со духот негов се исполни); царот Езекија, пророкот Исаија, Јошијаху; пророкот Еремија, Езекил; 12 пророци; Зоровавел и Исус Јоседековиот син; Неемија; великиот свештеник Симон ***** МОЛИТВА ЗА БЛАГОСЛОВ (И денес, благословувајте Го Бога сите, Кој насекаде големи чуда прави, Кој ги продолжува нашите денови уште од утробата и со нас постапува според Својата милост / Тој нека ни даде весело срце и во деновите наши мир да ни подари во Израел од век до век. / Милоста Негова секогаш да биде со нас и навреме да нè избави!) ***** ПОТРАГА ПО МУДРОСТА ( Уште како момче, пред да почнам да патувам, во молитвата моја отворена мудрост барав; / пред храмот се молев за неа и докрај ќе ја барам, како од цутот на грозјето до неговото узревање, / така срцето мое се радува од неа; мојата нога по прав пат тргна, уште од младини по неа одам /  Го наведнував по малку увото и неа ја примав; во неа наоѓав многу поуки за себе/ Напредував во неа. / Ќе го прославувам оној, Кој ми ја дарува мудроста. / Одлучив да одам по неа; го следев доброто и нема да се посрамам. / Душата моја неја ја бараше, а во делата мои бев исправен. / Рацете мои ги подигнав кон висините и ја осознавав својата неукост. / Кон неа душата моја ја управив и од самиот почеток ѝ го предадов срцето свое, / и со чистота ја достигнав; затоа нема да бидам оставен од неа. / Внатрешноста моја се подигна неа да ја бара; затоа придобив вредно богатство. / За награда Гсспод јазик ми даде; со него ќе Го прославувам. / Дојдете кај мене, вие ненаучените, во училиштето мое бидете. / Зашто вам мудроста ви е потребна, душите ваши силно жеднеат за неа. / Ја отворам устата своја и ви велам: „Купувајте ја без пари;” / ставете го вратот свој во јаремот нејзин и душата ваша нека го прима ова учење; него можете близу да го најдете./ Ете, со ваши очи гледате: јас малку се потрудив и голем спокој најдов. / Придобивајте знаење колку за големо количество сребро, а со тоа ќе добиете богатство поголемо од злато. / Нека се радува душата ваша за Неговата милост; и не срамете се да Го прославувате. / Свршувајте ја работата своја навреме, и Тој навреме ќе ви ја даде вашата награда.)

 
Напишете коментар

Posted by на Јули 19, 2015 во Uncategorized

 

Ознаки: ,